Вести

Вести

Успешно реализирана првата обука за наследници на фамилијарни бизниси

На 18.05.2018 во просториите на Стопанска Комора на Македонија беше реализирана првата од трите предвидени обуки за наследници на фамилијарни бизниси во рамки на проектот ФАБУСС, чии реализатори во Македонија се ЦЕФЕ Македонија и Националниот младински совет на Македонија-НМСМ. На обуката учествуваа околу 40ина претставници на семејни бизниси од Скопје, Прилеп, Битола, Радовиш, Кавадарци, М. Брод, Велес, Охрид, Ресен и други делови на Македонија. Темите кои што се обработија беа: Разбирање на предностите и недостатоците на семејните бизниси. Транснационални разлики и градење на компетенции на идните наследници. На оваа обука, чие мото беше „научете ги вашите родители како да ви го остават бизнисот“, наследниците на фамилијарните бизниси се стекнаа со знаења со кои би се овозможила полесна транзиција на бизнисот на новата генерација. Следната 2-ра обука е закажана на 07.06.2018 со почеток во 09:00 часот во просториите на Стопанска Комора на Македонија. Обучувач повторно ќе биде господинот Зоран Витанов, а ќе бидат обработени следниве теми:  Стратегии за раст за семејни бизниси  Лидерство на следната генерација Сите заинтересирани можат да се пријават на следниов линк.    

Вести

Повик за обука за наследници на фамилијарни бизниси со Зоран Витанов

Тема сосем нова за регионот во коj живееме, но посебно важна за млада држава како што е Македонија. Ова е периодот кога повеќето бизниси основани по осамостојувањето на нашата држава, треба да прејдат во рацете на новите генерации. Како да се изведе процесот на предавање на бизнисот? Кога е правото време за предавање на бизнисот на следната генерација? Дали наследникот треба да остане во фирмата или да замине да работи за друга компанија за да се стекне со дополнително искуство? Дали фирмата треба да се постави член од семејството како извршен директор или да се назначи надворешен управник а семејството и понатаму да управува со фирмата? Кои се предностите и недостатоците на семејните бизниси? Бидејќи ние знаеме колку се важни одговорите на овие прашања за сите млади наследници на фамилијарни бизниси, на 18ти Мај, 2018 година, во просториите на Стопанска Комора на Македонија, со почеток од 10:00 часот, ќе биде одржана првата од трите предвидени обуки во рамките на проектот ФАБУСС. На првата обука ќе бидат обработени следниве две теми: Воочување на проблемите на фамилијарните бизниси Транснационални сличности и разлики Обуките ќе ги води господинот Зоран Витанов, еден од основачите на ЦЕФЕ Македонија, неверојатно успешен бизнисмен, но воедно и консултант и обучувач на теми поврзани со претприемништво, маркетинг, финансии и развој на бизниси. Се работи за личност која во Македонија, па и пошироко, успеа да инспирира илјадници луѓе да се впуштат во претприемачките води, а воедно им помогна и при нивното градење во успешни претприемачи. Со оглед на тоа дека примерите за наследување на фамилијарните бизниси во Македонија се многу ретки, преку овие две теми ќе можете да се здобиете со следниве информации поврзани со фамилијарните бизниси: Што може да се случи при процесот на наследување? Како со тој процес маневрираат бизнисите во другите држави? Какви решенија произлегле при справувањето со настанатите проблеми? Освен обуките, во рамките на проектот е создадена и онлајн платформа која учесниците ќе може да ја користат за превземање на дигитални матријали, но воедно преку оваа платформа исто така ќе им биде овозможена и комуникација со учесниците на обуките во останатите држави, учеснички во проектот. Доколку сте потенцијален наследник на фамилираен бизнис, имате од 18 до 35 години и барате одговор на овие прашања, пополнете ја онлајн апликацијата и потврдете го вашето учество со клик на следниов линк. *Напомена: Крајниот рок за пријавување е 15.05.2018, а бројката е ограничена на 30 учесници.  

Вести, Медиа

Како еден онлајн курс помогна да се развива претприемништвото во светот?

Еден Масивен Отворен Онлајн Курс, кој што ја прикажуваше приказната на Кливленд, Охајо, како тамошните економски и политички водачи креираа мерки за да ги поттикнат и задржат младите таленти и бизниси во државата, а да не им побегнат во Силиконската Долина, креира масивно движење за развој на претприемачите во целиот свет. Онлајн курсот Beyond Silicon Valley, кој што е произведен во Case Western Reserve University и е предаван од професорот Мајкл Голдберг привлече 135.000 студенти од 190 земји од целиот свет! Ефектите кои што ги предизвика овој курс на глобално ниво се документирани и во книга, напишана од професор Мајкл Голдберг. Книгата Beyond Silicon Valley: How One Online Course Helped Support Global Entrepreneurs раскажува 20 приказни на 20 личности кои придонесоа да се развива претприемништвото во различни региони во светот, кои што се многу поразлични од Силиконската Долина. Региони кои што се соочуваат со економски тешкотии, политички нестабилности, воени кризи, корупција или пак културолошка аверзија кон претприемачите. ЦЕФЕ Македонија и ЦЕФЕ Методологијата се меѓу 20 те приказни во книгата, опишани и документирани како: вмрежувачи на економските актери во државата; поттикнувачи на соработки помеѓу различните сектори во Македонија за развој на претприемачите и поттикнување на меѓународни проекти за економски развој; мотиватори за многу млади луѓе да почнат да го гледаат и разбираат претприемништвото како можна кариера за личен и професионален развој. Преку активностите на Јован Сталевски, Елена Стојановска, Наташа Чавдаровска и Искра Трајковска, и поддршката од Амбасадата на САД во Македонија, беше произведена и Македонската приказна за развој на претприемништвото во форма на онлајн курс. Токму тој онлајн курс и бизнис средбите кои што се организираа во преку 10 градови во Македонија придонесоа да се опфатат преку 500 луѓе на настаните, преку 3000 гледања на ЈуТјуб, прикажувани до преку 300.000 жители преку ТЕРА Телевизија, како и пренесени од национални и интернационални медиуми. Како што покажуваат и истражувањата направени од професорот Голдберг, преку 25% од сите студенти на онлајн курсот се охрабрија да соработуваат со граѓански организации за развој на претприемачките екосистеми во нивните региони, а 17% креираа значајна соработка меѓу нивните граѓански организации со други државни или приватни субјекти (училишта, факултети, јавни установи, компании). Ние од ЦЕФЕ Македонија сме горди што сме дел од оваа глобална приказна на поврзување на претприемачите и слободно можеме да кажеме дека “каде политиката раздвојува, претприемништвото обединува”. Книгата Beyond Silicon Valley: How One Online Course Helped Support Global Entrepreneurs е достапна за слободно превземање во ПДФ формат на  www.beyondsiliconvalleybook.com (Киндле верзија заедно со печатена верзија наскоро ќе биде достапна и на Амазон). Производството на оваа книга, која мора да ја прочита секој што се занимава со поддршка на претприемништвото, е овозможено со паричен грант од Фондацијата Burton D. Morgan Foundation.

Вести

Претприемачко Учење за Млади

Во рамки на проектот „Претприемачко Учење за Млади“, од програмата Еразмус + КА2 стратешко партнерство, финансиран од ЕУ, на 12.04.2018 се одржа втор транснационален состанок во Брашов, Романија. Проектот го имплементира ЦЕФЕ Македонија во партнерство со Sprijin si Dizvoltare (Романија) и Inercia Digital (Шпанија) На овој состанок беа сублимирани активностите околу креирањето на модулите за претприемачко учење и беа поставени основите за развој на следниот интелектуален труд, што претставува онлајн апликација за симулирање на бизнис план.

Вести

Kick-Off состанок во Газиантеп, Турција

На 04 и 05 Април, 2018 година, во рамки на проектот “Experiental Pedagogy of the Oppressed for Adults”, се одржа првиот состанок на партнерите . На состанокот којшто се држа во Југо-Источниот, Турски град Газиантеп, освен ЦЕФЕ Македонија, учествуваа и партнерските организации од Турција, Грција, Италија и Бугарија. Целта на овој проект е обука и истражување на потребите на едукаторите коишто работат со мигранти, со што би им помогнале при процесот на интеграција во општеството на земјите каде што се доселени. Целта на состанокот беше запознавање на партнерите и подетална анализа на целите на проектот. Откако сите партнери ги претставија сопствените организации и со што тие најчесто работат, во која област се специјализирани, следна точка за дискусија беше проектот, со што остатокот од првиот ден и времето предвидено за состанок од вториот ден беа резервирани за дискусија и дефинирање на активностите кои треба да бидат остварени со цел реализација на целите на проектот. Беа договорени улогите на секоја од партнерските организации и временската рамка на проектот со сите активности поединечно. Како краен рок за реализација на целите на овој проект е предвиден Декември 2019 година.    

Вести

Јавен оглас / покана за учество на обуки за наследници на фамилијарни бизниси

Семејните бизниси отсекогаш претставувале многу важна карактеристика во економските структури на многу земји и важен извор за вработување. Тие исто така се важни во обезбедувањето на континуитет помеѓу генерациите, истовремено овозможувајќи потенцијал за иновации, промени, подобрување на конкурентноста на фирмите и напредок. Европската комисија ја препознава важноста на семејните бизниси и нивната улога за европската економија и промовира создавање поволна средина во која семејните бизниси можат да растат и да се развиваат. Еден од клучните предизвици е трансферот на бизнисот, кој во случај на семејни бизниси, бара ефикасен и успешен премин од една генерација во друга. Особено преку проектот ФАБУСС, целта е да им се помогне на младите луѓе поврзани со семејните бизниси да станат способни и ефективни наследници. ФАБУСС е проект во чии рамки најпрво беа направени истражувања за состојбата и потребите на фамилијарните бизниси во државите учеснички во проектот, а подоцна беа изготвени материјали и алатки за обука. Експертите на проектот развија вкупно (6) модули за обука групирани во 3 теми: Тема 1 – Свесност Модул 1: Воочување на проблемите на фамилијарните бизниси Модул 2: Транснационални сличности и разлики Тема 2 – Подготовка Модул 3:  Стратегии за раст за семејни бизниси Модул 4: Лидерство на следната генерација Тема 3 – Управување Модул 5: Ефективно управување и одлучување Модул 6: Комуникација и управување со конфликти Партнерството на проектот го координира Атинската стопанска и индустриска комора и е составена од девет организации, универзитети, консултантски куќи и стопански комори, од пет земји од ЕУ (Грција, Бугарија, Кипар, Италија, Португалија) и од Република Македонија. Обуките се наменети за 180 лица (30 од секоја земја) кои се наследници на фамилијарни бизниси, но и за сопствениците кои планираат да го предадат бизнисот на своите потомци. Обуките ќе траат вкупно 25-часови, а методологијата на работа е комбинирана со практични сесии, дискусии, работа на терен, дополнети со е-учење и транснационални размени за соработка. Обуките ќе бидат организирани во секоја земја-партнер на FABUSS, во период од 3 месеци (Април, Мај и Јуни, 2018 година). Во Македонија, обуките ќе се реализираат во средина на Мај 2018, во Скопје. Обучувачи ќе бидат експерти со долгогодишно искуство кои инспирираат и водат фамилијарен бизнис. Добивките од овие работилници на наследниците на фамилијарните бизниси се: Вмрежување со експерти и останатите наследници на фамилијарни бизниси; Вештини и компетенции за успешно наследување на бизнисите; Поврзување со сродни фамилијарни бизниси со партнерските земји од Јужна Европа; Размена на искуства со бизниси од Јужна Европа; Потенцијална соработка со клиенти од Јужна Европа; Промоција на својот бизнис и преку своите практики, придонес за подобрување на обуката; Сертификат издаден од ЦЕФЕ Македонија и од проектот ФАБУСС; Пристап до ООР – Отворени Образовни Ресурси, наставни материјали и алатки за поддршка за успешна деловна сукцесија предвидена во платформата за е-учење на проектот ФАБУСС. Пријавете се уште денес со пополнување на електонската пријава тука! За подетални информации обратете се на info@cefe.mk или на 078/201-854 или посетете ја нашата веб страна www.fabuss-project.eu Еразмус + Клучна Акција 2, Програма за Стратешки Партнерства Број на проектот: 2016-3-EL02-KA205-002673 FABUSS Проект –FAmily BUsiness Successful Succession Јавен оглас / покана за учество  на работилници за наследници на семејни бизниси