Вести

Вести

Одржан координативен состанок со мрежата на тренери на ЦЕФЕ Македонија!

ЦЕФЕ Македонија одржа координативен состанок со својата мрежа на тренери, со цел размена на искуства, согледување на потребите и очекувањата на тренерите, како и идентификување идеи и можности за идна соработка. Предлозите и иницијативите од средбата ќе послужат како основа за подготовка на акцискиот план за следната година. На состанокот се разговараше за досегашната соработка, искуствата и задоволството на тренерите од активностите на ЦЕФЕ Македонија. Особено нè радуваат позитивните повратни информации, кои претставуваат потврда за досегашната работа и дополнителна мотивација за понатамошен развој на мрежата. Беа разменети и идеи за проширување на областите на делување, развој на нови иницијативи и зајакнување на соработката, со цел постигнување уште поголеми резултати и влијание. Покрај дискусијата, на тренерите им беа презентирани и нови едукативни материјали и алатки развиени во рамки на два проекти во кои ЦЕФЕ Македонија учествуваше во изминатата година: 🔹 Beyond Digits – програма за обука, интерактивна видеоигра и мобилна апликација за финансиска писменост, приспособени на потребите на невродивергентните лица. 🔹 Family Matters – промотивни видеа, методи и практични алатки за работа со млади и нивните родители, насочени кон подобрување на меѓусебната комуникација, унапредување на менталното здравје и зајакнување на поддршката за младите. Дополнително, беа претставени можностите за вклучување на тренерите во тематски работни групи (Think Tanks) во рамки на меѓународната CEFE мрежа. Ова претставува можност за професионален развој, меѓународно поврзување и размена на знаења, искуства и добри практики со колеги од други земји. ЦЕФЕ мрежата на тренери во Македонија брои повеќе од 20 тренери, сертифицирани за претприемништво и бизнис вештини по „ЦЕФЕ“ методологија, и програмата „Финансиски игри“ за финансиска писменост. Веруваме дека активната и поврзана мрежа на тренери е основа за создавање нови можности, квалитетни едукативни програми и поголемо општествено влијание. Им благодариме на сите тренери за нивната посветеност, отвореноста и конструктивниот придонес. Продолжуваме заедно да ја развиваме CEFE мрежата и да создаваме нови можности за учење, соработка и напредок!

Вести

Младинските работници во „Family Matters“ со континуирана поддршка од психолози и семејни терапевти

Квалитетни едукативни алатки се создаваат преку соработка, експертска поддршка и практично тестирање. Во рамките на европскиот проект „Family Matters“, младинските работници кои ги пилотираа новите алатки за личен, социјален и емоционален развој на младите не беа оставени сами во процесот. Во Македонија, тие имаа континуирана стручна поддршка од психологот Даниела Нестороска, национален експерт во проектот, како и меѓународно менторство и супервизија од експерти од Малта и Италија, вклучително и од областа на семејната терапија. Преку редовни неделни состаноци, индивидуални консултации и заедничка подготовка на работилниците, младинските работници добиваа насоки за приспособување на алатките според возраста, потребите и карактеристиките на учесниците. По активностите се спроведуваше и рефлексија за идентификување на добрите практики и можностите за подобрување. Едукација, а не терапија Една од најважните задачи на експертите беше да обезбедат јасни професионални граници при примената на алатките. Целта на „Family Matters“ не е младинските работници и едукаторите да станат психолози или семејни терапевти, туку да добијат практични и безбедни методи за поддршка на младите. Во своите извештаи, националниот експерт посочува дека дел од алатките можат да ги применуваат и едукатори без психолошко образование, со соодветна подготовка и стручна поддршка. Истовремено, за почувствителните психолошки теми се препорачува ангажирање соодветно квалификувани професионалци. Овие сознанија, заедно со повратните информации од младите и искуствата на младинските работници, ќе придонесат кон подобрување на финалните алатки и подготовката на практични упатства за нивна примена. Од пилотирање до поширока примена Проектот „Family Matters“, поддржан од програмата Еразмус+, обединува организации од Македонија, Естонија, Турција, Малта и Италија. Неговата дополнителна вредност е во поврзувањето на искуственото учење, младинската работа и психолошката експертиза во развојот на алатки што ќе можат одговорно да се применуваат во различни образовни и младински средини. 📢 ЦЕФЕ Македонија ги поканува сите наставници, едукатори, психолози, педагози и младински работници на конференцијата за споделување на резултатите од „Family Matters“, на 17 декември 2026 година во Скопје. Проектот е кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.

Вести

Младинските работници од Македонија со значаен придонес во развојот на нови едукативни алатки за младите и семејствата преку проектот Family Matters

Од април до октомври 2026 година, шест младински работници од Македонија спроведоа пилотирање на иновативни едукативни алатки во Кочани, Штип, Свети Николе, Скопје и Охрид. Резултатите и искуствата ќе бидат претставени на конференција на 17 декември 2026 година во Скопје. Во рамките на меѓународниот Еразмус+ проект Family Matters, ЦЕФЕ Македонија успешно ја заокружи фазата на пилотирање на едукативни алатки наменети за развој на социо-емоционални и животни вештини кај младите, унапредување на комуникацијата и зајакнување на односите во семејството. Пилотирањето во Македонија се одвиваше во периодот април – октомври 2026 година, во пет градови: Кочани, Штип, Свети Николе, Скопје и Охрид, преку практични и интерактивни активности со млади и други учесници. Клучна улога во реализацијата имаа нашите младински работници: Весна Ефремова, Никола Дукоски, Маја Давкова, Благој Трајков, Ирена Ралева Најдевска и Даниела Нестороска. Овој тим, составен од професионалци со искуство во образованието, едукацијата и психологијата, ги примени развиените методологии во реални услови, приспособувајќи ги на различни возрасни групи, потреби и образовни средини. Нивната задача не беше само да ги тестираат алатките, туку и да набљудуваат како младите реагираат, кои активности предизвикуваат најголема вклученост, какви промени се забележуваат и што треба да се подобри за методологиите да бидат уште покорисни за младинските работници и едукаторите. Преку игри, симулации, креативни активности, групни дискусии и рефлексија, младите добија простор да разговараат за личните силни страни, емоциите, меѓусебните односи, комуникацијата, семејните предизвици и справувањето со неизвесноста. Што покажаа резултатите од меѓународното пилотирање? Анализата на 66 извештаи и евалуации од спроведените активности покажа висок степен на прифатеност на методологиите од страна на младинските работници. Во 63 од 64 јасно класифицирани одговори, фасилитаторите изразиле подготвеност повторно да ја користат евалуираната алатка во својата работа. Меѓу најзначајните забележани придобивки се: – Подобро препознавање на личните силни страни и развивање самосвест кај младите. – Поголема отвореност за изразување емоции и споделување лични искуства. – Поттикнување емпатија, активно слушање и конструктивна комуникација. – Развивање вештини за решавање проблеми и носење одлуки. – Размислување за здрави дигитални навики и рамнотежа меѓу онлајн и офлајн активностите. Особено значајно е што младинските работници не дадоа само позитивни оценки, туку и конкретни препораки за подобрување на алатките, вклучувајќи појасни инструкции, подобро приспособување на различни возрасни групи, поголема вклученост на семејствата и дополнителни насоки за работа со чувствителни теми. Овие наоди ќе послужат како основа за финализирање на едукативните материјали и подготовка на мини-курсеви што ќе им помогнат на други младински работници, наставници, психолози и едукатори да ги користат методологиите во својата секојдневна работа. Резултатите од пилотирањето ќе бидат предмет и на понатамошна научна анализа, со цел да се придонесе кон развојот на квалитетни, практично проверени пристапи во младинската работа. ЦЕФЕ Македонија упатува искрена благодарност до сите образовни институции, училишта, организации и други партнери во Кочани, Штип, Свети Николе, Скопје и Охрид, кои ја поддржаа работата на нашите младински работници и овозможија спроведување на пилот-активностите. Нивната отвореност за соработка, поддршката од раководствата и ангажманот на наставниците, стручните служби и останатите професионалци овозможија иновативните методологии да бидат тестирани во реални образовни и младински средини. Посебна благодарност упатуваме до младите и останатите учесници, кои со својата искреност, активност и препораки непосредно придонесоа за обликување на идните едукативни ресурси. Веруваме дека квалитетните образовни алатки не се создаваат само од експерти, туку се развиваат заедно со луѓето што ќе ги користат. Ги покануваме наставниците, психолозите, педагозите, младинските работници, претставниците на образовните институции, граѓанските организации и сите професионалци кои работат со млади и семејства да го резервираат датумот – 17 декември 2026 година. Повеќе информации за програмата, локацијата и регистрацијата ќе бидат споделени преку комуникациските канали на ЦЕФЕ Македонија. За проектот Family Matters Family Matters е меѓународен проект поддржан преку програмата Еразмус+ на Европската Унија, кој ги поврзува партнерите од Македонија, Естонија, Турција и Малта, со поддршка и од партнер од Италија. Проектот има цел да развие практични, иновативни и достапни едукативни ресурси преку кои младинските работници и едукаторите ќе можат да ги поддржат младите во развојот на нивните социо-емоционални вештини, личните компетенции и семејните односи. ЦЕФЕ Македонија – учиме преку искуство, создаваме можности за развој. Проектот е кофинансиран од Европската Унија.

Вести

Еколошките организации од Македонија и Албанија ја зајакнуваат прекуграничната соработка за заштита на природата

Охрид, 21–22 октомври 2026 година – Претставници на 11 еколошки организации од Македонија и Албанија, поддржани преку грантовите на Фондацијата Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), се собраа во Охрид на дводневна средба посветена на размена на искуства, меѓусебно учење и развивање нови можности за прекугранична соработка. Средбата беше организирана и фасилитирана од ЦЕФЕ Македонија и Balance Albania, во рамките на програмата за организациски развој и зајакнување на капацитетите на еколошките организации поддржани од PONT. Учесниците, претставници на четири организации од Македонија и седум од Албанија, разменија практични искуства од својата работа во зачувувањето на биодиверзитетот, управувањето со заштитените подрачја, вклучувањето на локалните заедници и застапувањето за подобри политики за заштита на животната средина. Од размена на искуства до конкретни идеи за соработка Преку интерактивни работилници, студии на случаи, тематски дискусии и заедничко планирање, организациите идентификуваа повеќе можности за понатамошна соработка. Меѓу предложените иницијативи се издвојуваат: Особено внимание беше посветено и на предизвикот со намалениот интерес на младите за образование и професионален развој во областа на шумарството, биологијата и заштитата на природата. Заедничките екосистеми бараат заедничко дејствување Една од најважните пораки од средбата беше дека природата не познава административни граници, а заштитата на заедничките екосистеми бара континуирана комуникација, размена на знаења и координирано дејствување. Во завршната рефлексија, учесниците ја истакнаа вредноста на личното запознавање, отворениот дијалог и можноста да бидат слушнати од своите колеги. Тие ја нагласија и важноста на растечката мрежа на организации поддржани од PONT, со интерес за нејзино понатамошно проширување и вклучување на еколошки организации од Грција. Средбата во Охрид постави основа за нови партнерства, меѓусебна поддршка и развивање заеднички иницијативи, кои ќе придонесат за поефикасна заштита на природното богатство и одржлив развој на локалните заедници во прекуграничниот регион. Преку ваквите активности, PONT продолжува да го поддржува јакнењето на еколошките организации и нивната улога како важни чинители во зачувувањето на природата за идните генерации.

Вести

Од искуства до подобри алатки: Гласот на младите го обликува Family Matters

Што се случува кога на младите ќе им дадеме простор да ги истражуваат своите чувства, да разговараат за семејните односи и да ги препознаат сопствените силни страни? Одговорите од пилотирањето на алатките во проектот Family Matters покажуваат колку значајно може да биде учењето преку лично искуство – и колку е важно да се слушне гласот на учесниците. Во рамките на меѓународниот Еразмус+ проект Family Matters, во кој ЦЕФЕ Македонија учествува заедно со партнерски организации од Естонија, Турција и Малта, младински работници и едукатори спроведоа пилот-сесии за тестирање на практични алатки насочени кон социјалните и емоционалните вештини, комуникацијата, саморефлексијата и семејните односи. Покрај позитивните оценки, 256-те собрани евалуациски прашалници откриваат нешто особено вредно – личните искуства, размислувањата и препораките на учесниците. Токму тие искуства претставуваат важна основа за понатамошно усовршување на алатките и подготовка на образовни материјали што ќе бидат практични и достапни за младинските работници, наставниците, едукаторите и семејствата. Кога младите ги откриваат своите силни страни Една од најчесто оценуваните алатки беше Strength Map – Карта на силните страни, која ги поттикнува учесниците да размислуваат за сопствените способности, позитивни карактеристики и начинот на кој другите ги доживуваат. Во своите одговори, дел од учесниците нагласиле дека им било особено значајно да се фокусираат на она во што се добри, наместо само на своите слабости. За други, највредниот момент бил можноста подобро да се запознаат себеси, но и своите соученици и пријатели. Овие искуства покажуваат како една релативно едноставна активност може да отвори простор за самоспознавање, разговор и развивање на свеста за личните потенцијали. Од различни мислења до подобро разбирање Алатката Insight-to-Action Roundtable создава простор за групни разговори, споделување искуства и разгледување различни перспективи. Учесниците особено ги истакнале картичките со емоции, групните дискусии и можноста да откријат дека други луѓе понекогаш се соочуваат со слични семејни ситуации или предизвици. Некои од нив препознале дека една едноставна дискусија може да отвори прашања за кои претходно не размислувале. Вредноста на ваквиот пристап е во тоа што младите не добиваат однапред подготвени одговори, туку преку активно учество учат да слушаат, да размислуваат и да ги почитуваат различните гледишта. Што ако ги замениме улогите во семејството? Интересни искуства произлегоа и од алатката Family Boundaries Challenge, во која учесниците разговараат за семејните правила, личните граници и меѓусебното почитување. Преку активности со замена на улогите, младите добиваат можност да размислат од перспективата на родителите, а возрасните од перспективата на децата. Во повратните информации учесниците нагласиле дека ваквите активности им помогнале да слушнат поинакви мислења и да разговараат за прашања кои понекогаш тешко се отвораат во секојдневната семејна комуникација. Иако за некои промената на улогите претставувала предизвик, токму ова искуство поттикнало дополнително размислување за меѓусебните очекувања и разбирањето во семејството. Да научиме да се справуваме со неизвесноста Преку алатката Navigating Uncertainty, учесниците истражувале како реагираат кога се соочуваат со непознати ситуации, грижи и промени. Посебно корисни за нив биле активностите за препознавање на зоните на комфор, предизвик и стрес, како и малите практични чекори за справување со неизвесноста. Дел од учесниците истакнале дека научиле да размислуваат поинаку за ситуациите што не можат целосно да ги контролираат. Други посочиле дека им биле потребни повеќе примери, дополнително време или можност вежбите да ги повторуваат и во домашна средина. Учење преку природа, игра и креативно изразување Искуствата од алатките Wilderness Therapy Tool, Walk, Reflect, Connect, Forum Theatre и Disconnect to Reconnect дополнително ја нагласуваат разновидноста на пристапите што ги нуди Family Matters. Учесниците позитивно ги опишувале активностите во природа, разговорите со врсниците, можноста да се исклучат од дигиталните уреди, како и учеството во сценски ситуации и групни дискусии. За некои, најзначајно било времето поминато во природа. За други, можноста активно да се вклучат во театарска ситуација или да слушнат поинакво размислување. Заедничко за овие искуства е учењето преку активно учество, лично доживување и последователна рефлексија – пристап што е во основата и на методологијата на искуствено учење што ја промовира ЦЕФЕ Македонија. Од повратни информации до подобри образовни материјали Пилотирањето не претставува само проверка дали одредена алатка им се допаѓа на учесниците. Тоа е можност директно да се слушне нивното мислење за тоа што функционира, што им било тешко и што би сакале да биде поинаку. Во евалуациите се појавуваат неколку важни препораки: – Појасни инструкции и повеќе примери од секојдневни ситуации. – Повеќе интерактивни игри и практични активности што го поттикнуваат учеството. – Повеќе време за разговор и размислување, како и можности за продолжување на активностите. – Поголема флексибилност и приватност, особено кога се разговара за лични чувства и чувствителни семејни теми. – Можности за повторување и примена на наученото, вклучително и во домашна или училишна средина. Овие предлози ќе бидат разгледани во процесот на финализирање на алатките. На тој начин, младите и другите учесници не се само корисници на образовните активности, туку преку своите повратни информации активно придонесуваат кон развојот на поквалитетни образовни ресурси. Следниот чекор: 15 алатки и кратки онлајн курсеви Проектното партнерство продолжува со обработка на резултатите, усовршување на материјалите и подготовка на кратки онлајн курсеви преку кои ќе бидат претставени 15 практични алатки. Целта е младинските работници, едукаторите, наставниците и другите професионалци да добијат насоки како овие пристапи да ги применуваат во својата работа со млади и семејства. Собраните податоци ќе бидат и предмет на подетална научна анализа, која ќе придонесе за подобро разбирање на искуствата од пилотирањето и можностите за понатамошна примена. Секој глас е важен За ЦЕФЕ Македонија, една од најзначајните вредности на проектот Family Matters е можноста да се поврзат искуственото учење, активното учество на младите и развојот на практични образовни ресурси. Резултатите од пилотирањето покажуваат дека учесниците позитивно ги прифаќаат овие пристапи, но и дека нивните конкретни предлози се важни за понатамошното подобрување. Бидејќи најдобрите образовни алатки не се создаваат само за младите – туку се развиваат и со нивниот глас и искуство. Следете ги активностите на ЦЕФЕ Македонија и проектот Family Matters за да дознаете повеќе за алатките, финалните образовни материјали и можностите за нивна практична примена.

Вести

Family Matters: Над 250 евалуации потврдуваат позитивни искуства од пилотирањето на алатките за млади и семејства

94% од одговорите укажуваат на чувство на сигурност и почитување, 93% на поттикнување саморефлексија, а 87% на подобра комуникација. Во рамките на меѓународниот Еразмус+ проект Family Matters, успешно заврши фазата на пилотирање на иновативните алатки наменети за развој на социјалните и емоционалните вештини, меѓусебната комуникација и менталната благосостојба на младите и семејствата. Преку практични, интерактивни и искуствени активности, младински работници и едукатори од Македонија, Естонија, Турција и Малта ги тестираа развиените пристапи во работа со млади и семејства. Резултатите се охрабрувачки! Во процесот на евалуација беа собрани вкупно 256 пополнети прашалници. Учесниците ги оценуваа алатките според нивната разбирливост, релевантност, влијанието врз размислувањето и комуникацијата, чувството на сигурност и интересот за нивна повторна употреба. Што покажуваат резултатите? Анализата на собраните одговори покажува високо ниво на позитивно оценување: – 94,1% од одговорите покажуваат дека учесниците се чувствувале сигурно, почитувано и пријатно при користењето на алатките. – 92,6% позитивно го оцениле поттикнувањето на размислување за сопствените чувства, мисли и искуства. – 91,8% сметаат дека алатките биле лесни за разбирање и користење. – 89,5% позитивно ја оцениле нивната способност да го задржат вниманието и интересот. – 87,1% позитивно го оцениле придонесот на алатките кон подобра комуникација со родители, старатели или млади лица. – 87,1% изразиле позитивен интерес повторно да користат слични алатки. Просечната оценка на седумте анализирани аспекти изнесува 4,53 од можни 5, што укажува на високо задоволство од искуството во пилот-сесиите. Повеќе од активности – простор за размислување, комуникација и личен развој Особено вредни се искуствата што учесниците ги споделија преку отворените прашања. Многумина ги истакнале можностите подобро да ги препознаат сопствените силни страни, да размислат за своите емоции, да ги разберат различните перспективи и да разговараат за секојдневните предизвици. Меѓу позитивно оценетите искуства се издвојуваат активностите во природа, групните дискусии, интерактивните игри, креативните методи и активностите насочени кон семејните односи. Овие искуства ја нагласуваат вредноста на искуственото учење, кое овозможува младите не само да слушаат за одредени вештини, туку и активно да ги истражуваат и практикуваат. Гласот на учесниците ќе помогне во подобрувањето на алатките Покрај позитивните оценки, учесниците дадоа и конкретни препораки: поедноставување на дел од инструкциите, повеќе примери од секојдневниот живот, дополнителни интерактивни активности и поголема флексибилност во спроведувањето. Овие препораки ќе бидат земени предвид при финализирањето на материјалите, со цел тие да бидат што поразбирливи, попрактични и полесно применливи во различни образовни и младински средини. Што следува? По завршувањето на пилотирањето, проектното партнерство продолжува со анализа на резултатите и подготовка на финалните образовни материјали. Планирани се и кратки онлајн курсеви за промоција на 15-те алатки, кои ќе им помогнат на младинските работници, наставниците, едукаторите и другите професионалци да се запознаат со нивната практична примена. Дополнително, собраните податоци ќе бидат предмет на подетална научна анализа, со планирано објавување научен труд за резултатите и искуствата од пилотирањето. ЦЕФЕ Македонија, како партнер во проектот, продолжува да промовира искуствено учење и практични пристапи што создаваат можности за личен развој, подобра комуникација и поквалитетна поддршка на младите и семејствата. Работите со млади, ученици, родители или семејства? Следете ги активностите на ЦЕФЕ Македонија и проектот Family Matters за повеќе информации за алатките, образовните материјали и можностите за нивна примена во вашата работа Family Matters – за посилни вештини, подобра комуникација и поврзани семејства.