Учениците во Уганда сакаат искуствено учење и кога се на училиште
Од 19 до 22 ноември 2024 година, во Кабале, Уганда, се реализира уште една обука за бизнис вештини според познатата ЦЕФЕ методологија. Предводена од сертифицираниот ЦЕФЕ обучувач Џералд Аребахона, обуката овозможи 15 девојки и 2 момчина од стручното училиште „Ворк Уганда“ да ги усвојат основните претприемачки вештини и да развијат иновативни концепти за нивните бизнис идеи. Обуката се одвиваше во тренинг центарот на организацијата „Прауд Уганда“, во Кабале, благодарение на соработката меѓу организациите и училиштата. Учесниците го искажаа своето максимално задоволство преку дневни и финални оценки на обуката. А ова се дел од коментарите: „Методологијата беше доста забавна и научив многу за да размислам за свој бизнис“ „Начинот на работа беше толку различен од секојдневните предавања, и се прашувам зошто до сега не не учеле вака и во училиште“ Во текот на обуката, учесниците успешно ги поминаа модулите за бизнис идеја, поставување цели, маркетинг, производство, финансии и организација. Преку овие теми, тие стекнаа важни знаења и алатки кои ќе им помогнат во развивањето и управувањето со сопствените бизниси. Оваа обука е дел од пошироката иницијатива на ЦЕФЕ Македонија за промовирање на претприемачката култура во Уганда, со визија да се поттикнат младите на економски развој и одржлив напредок. Следните обуки се планирани за ноември и декември 2024 година, продолжувајќи ја мисијата за создавање можности и посветла иднина за младите во овој регион.





