Вести

Вести

Учество на ЦЕФЕ Македонија на Иновативен камп

На 23ти ноември 2018, во Скопје, се одржа Иновативен камп-натпревар на средношколци во оргaнизација на Џуниор Ачивмент Македонија, а со финансиска помош од USAID Macedonia. KICK-IT Скутерс! се победници на Иновативниот камп 2018, на Џуниор Ачивмент Македонија. Тимот на ученици креираше електричен скутер под слоганот: Ако има тркало, има начин! Преку трансформација на инвалидска количка во електричен тротинет, ќе им помогнат на лицата кои им е потребна во секојдневните активности на училиште, рекреативни центри и паркови, болници и рехабилитациони центри и институции, како и поголема пристапност до други активности во општеството. На овој натпревар во претприемнички вештини учествуваа 110 ученици од 22 средни училишта од Кочани, Куманово, Дебар, Гостивар, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Велес, Берово, Струмица, Струга, Охрид и Скопје. Тие беа групирани во 22 тима од по 5 ученици кои меѓусебно не се познаваат. По низата тимбилдинг активности, на учениците им беше дадена задача да смислат производ или услуга што ќе придонесе кон подобра удобност на купувачот со понуденото парче мебел. Во текот на денот учениците работеа на развивање на нивната бизнис идеја со помош на 22 бизнис ментори (на секој тим му беше назначен еден бизнис ментор) од: BAS – Biznis Akademija Smilevski Софа Студио, CEFE Macedonia – ЦЕФЕ Македонија, Aгенција за Подршка на Претприемништво (АППРМ), ИТ компанија ГДИ, Konekt, TINEX, Универзитет Американ Колеџ- Скопје, Image PR, Агенција Ханибиз и Универзитетот за Туризам и Менаџмент Скопје (УТМС). Бизнис менторите ги насочуваа и охрабруваа учениците да ја развијат бизнис идејата според зададениот концепт и да подготват што поквалитетна презентација во PowerPoint во дадениот рок. Во исто време, 30 наставници од средните училишта од цела Македонија присуствуваа на информативната сесија, за платформата на ESP, каде имаа можност да се запознаат со платформата, како таа функционира и како се спроведува во рамките на Програмата на Џуниор Ачивмент за ученичка компанија. Во попладневниот дел, пред почетокот на презентациите од тимовите, на гостите им се обратија: Г-ѓа Љупка Панчевска- в.д. Директор на Џуниор Ачивмент Македонија Г-ѓа Хејзел Кореа- Канцеларија на УСАИД во Македонија Г-дин Петар Атанасов- Заменинк Министер за Образование и Наука По поздравните говори, 22 тима преку подготвените PowerPoint презентации ги претставија своите идеи и бизнис планови пред членовите на жирито во состав: Константин Петковски- Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола Горан Лазаревски- Сојуз на Микфинансиски организации Дијана Зафировска- Тренинг Центар Ц.Е.С. Дејан Бадаревски- Софа Студио Кристина Павлеска- Народна Банка на Република Македонија Учениците ги воодушевија присутните со своите иновативни решенија од паметни и безбедни инвалидски столици, столици со вградени појаси кои овозможуваат намалување на телесната тежина, дигитализирани столици наменети за гости во локали кои се произведуваат од рециклирани природни материјали и користат енергија произведена преку соларни панели, проиводство на модернизирани мулти функционални елегантни фотелји, дигитализирани столици наменети за училишни потреби на децата со пречки во развојот, до производство на паметна подлога за поудобно и правилно седење на било која површина. По сумираните оценки од зададените критериуми за избор, жирито одлучи да го додели првото место на тимот број 2 во состав: Сандра Јакимовска (АСУЦ „Боро Петрушевски„ –Скопје) Загорка Јованова (СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци) Душко Двојаковски (ОСУ „Ацо Русковски“- Берово) Никица Манџуковски (СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“- Скопје) Сара Бранковска (СОУ „Перо Наков“ –Куманово) Бизнис ментор: Даниела Карадаков (Бизнис Академија Смилевски) Тим број 19 го освои второто место: Сара Тодоровска (СОУ „Гоце Делчев“- Куманово) Виктор Петрески (Средно економско општински училиште Гостивар) Христина Нунеска (СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“- Прилеп) Никола Ефремов (СУГС „Никола Карев“- Скопје) Ивана Трајковска (СОУ „Јане Сандански“- Струмица) Бизнис ментор: Ана Аврамоска (Бизнис Академија Смилевски) Третото место му припадна на тимот број 21: Теодора Додевска (СОУ „Гоце Делчев“ –Куманово) Анастасија Петровска ( АСУЦ „Боро Петрушевски“- Скопје) Ева Стојановска (СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин – Скопје) Дафина Кобеци (ЦСНО „Здравко Чочоковски“- Дебар) Верица Ахтарова (СОУ „Јане Сандански“ – Струмица Бизнис ментор: Ивона Милева (Универзитет Американ Колеџ – Скопје) Ние, тимот на ЦЕФЕ Македонија им честитаме на победниците и сме особено благодарни на Џуниор Ачивмент што ни овозможи да бидеме дел од овој настан. *Текстот е превземен од Џуниор Ачивмент Македонија.

Вести

Панел дискусија на тема „Младите и политиките за вработување“

На 22-23.11.2018, во хотел Капри, Битола, ЦЕФЕ Македонија беше учесник на вториот од трите предвидени настани за вмрежување на тема „Младите и политиките за вработување“. На првиот ден од настанот, кој беше организиран од страна на МКЦ Битола, беше реализирана панел дискусија со посебен осврт на младинската гаранција. Модератор беше Дона Костуранова од Младинскиот Образовен Форум (МОФ), а на панел дискусијата учествуваа претставници од Министерство за Труд и Социјална Политика (МТСП), Агенцијата за Млади и Спорт, Агенција за Вработување (АВРМ), Фонд за Иновации и Технолошки Развој, Национален Младински Ссовет на Македонија (НМСМ), меѓу кои и ЦЕФЕ Македонија претставувана од Александра Најческа која зборуваше за добрите практики и ги запозна учесниците со два веќе успешно реализирани проекти на ЦЕФЕ Македонија „GET YES (Global Exchange and Training for Youth Employment Services “ и „Youth Employment Skills“ каде ЦЕФЕ Македонија беше во улога на подизведувач. Вториот ден, 23-ти ноември беше наменет за средби за вмрежување, каде учесниците на претходно закажаните средби имаа можност преку 20 минутни ефективни разговори да се запознаат со претставниците од другите организации и нивната работа, се со цел да се пронајдат заеднички теми на интерес како би се створиле услови за понатамошна соработка. Целта на овој настан беше да им овозможи на учесниците да се запознаат со претстојните политики за вработување и процесите кои се водат. Панелистите го дадоа своето стручно мислење на следниве теми: Младинска гаранција Како да се намали младинската невработеност и кои би биле долгорочните решенија за перспективност во Македонија; Како да се направат младите поконкурентни на пазарот на трудот;  Каква улога играат праксата и дообучувањето во потрагата по работа;  Со кои предизвици се соочуваат младите претприемачи; Кои се мерките кои можат да ја поттикнат културата на иновација и самовработливост; Кои се најголемите бариери при овозможување на полесно вработување за младите луѓе; Што треба да работат на ова поле останатите чинители (носителите на одлуки, образовните институции, граѓанските организации, итн).  Настанот беше наменет за претставници на граѓански организации кои имаат искуство и интерес за работа во полето на младинската невработеност, креатори и спроведувачи на политики за вработување на национално и локално ниво, како и претприемачи корисници на мерките за вработување на млади.

Вести

Успешно реализирана работилницата за Канва дизајн алатката

На 15.11.2018, во просториите на ЦЕФЕ Македонија беше одржана сателит работилница во рамки на Светската Недела на Претприемништвото. Станува збор за Работилница за Canva™ дизајн алатката, каде што се зборуваше за важноста на визуелниот идентитет на бизнисите и како да дизајнираме како професоналци со помош на Canva™. Притоа, учесниците имаа можност сето тоа и практично да го искусат, за потоа да го применуваат во своите бизниси. На обуката присуствуваа 18 учесници кои, благодарение на обучувачот Предраг M. Клекачкоски, се здобија со нови теоретски знаења и практични вештини од областа на дизајнот и маркетингот. Работилницата траеше 4 часа и во тој период присутните, работејќи во групи, имаа прилика да ја испробаат алатката и да изработат свој дизајн, кој подоцна беше анализиран од страна на сите учесници. По завршувањето на обуката, следуваше сесија за прашања која благодарение на љубопитноста и интерактивноста на учесниците им овозможи да се здобијат со дополнителни информации. Поради големиот интерес, наскоро ќе биде одржана уште една работилница од овој тип. Очекувајте информации наскоро.

Вести

Обука за користење на Canva дизајн алатката

Во рамки на Глобалната Недела на Претприемништво, ЦЕФЕ Македонија организира сателит работилница – обука за користење на Канва дизајн алатката од страна на малите и микро бизниси. Ве повикуваме да бидете дел од оваа обука и да го заокружите успехот на Вашиот нов бизнис со реклами кои можете самите да ги направите и да научите како да го рекламирате Вашиот продукт или услуга со дизајн во Ваша креација. Со учество на оваа работилница добивате: Бесплатна обука за работа на алатка за дизајн на содржина за социјални медиуми. Вовед во online presence strategy Основни знаења за дизајнирање на постер. Како сами да креирате промотивни материјали (флаери, постери, покани итн.) Работилницата ќе се одржи на 15.11.2018 година, од 16:00 до 20:00 часот во просториите на ЦЕФЕ Македонија со адреса „Партизански Одреди бр. 27/А/3“. За учество на обуката ве молиме регистрирајте се на https://goo.gl/forms/UNF9Mo5pDqaN9xGp2 , Местата се ограничени, пријавете се што поскоро.

Вести

Дводневно интернационално вмрежување во Тирана, Албанија

На 2ри и 3ти ноември 2018 година, дел од тимот на ЦЕФЕ Македонија беше во посета на Тирана, Албанија со цел вмрежување со локални интернационални огранизации и бизниси. Додека престојувавме таму, првиот ден, имавме можност да проследиме еден интересен говор и вистински да се инспирираме – присуствуваме на настан организиран од InnoSpace, каде што домаќин беше SWISS EP Albania, а зборуваше Keith Ippel од Spring Activator (Canаda), кој одржа навистина мотивирачки говор за „Како до почетни финансии за бизнис идеја“. На настанот се дружевме со млади претприемачи, бизнисмени, инвеститори, како и претставници на ЦЕФЕ организацијата од целиот свет.            Вториот ден учествуваме на IDEA – Award Ceremony, во организација на CEFE International, GIZ-ProSEED и AIDa. Настанот беше посветен на startup бизнис идеи, каде што учесниците по двомесечна обука и менторство, ги презентираа своите идеи пред професионално и независно жири, составено од претставници од приватни, јавни и финансиски институции, како Министерството  за финансии и економија на Албанија, DIHA, Betahaus, Deloitte Albania и ProCredit Bank, додека бизнис идеите покриваа широк спектар на индустрии, како на пример производство, уметност, земјоделство, туризам итн. Церемонијата ја отворија министерката за финансии и економија на Албанија, госпоѓа Албана Шкурта и претставничката на германската амбасада во Албанија – госпоѓа Марен Кнелер, која им посака добредојде на учесниците и присутните. За време на церемонијата, на најдобрите пет бизнис идеи им беа доделени гранотви од 7000 евра, а инагурирани беа и новите ЦЕФЕ тренери од Албанија,  со кои што ќе имаме можност за понатамошна соработка. На настанот присуствуваа претставници од бизнис секторот, приватни и јавни институции, владини и невладини организации, млади претприемачи, како и бизнис консултанти.                          По нашиот престој во Тирана, топло ви препорачуваме да ја посетите и да уживате во долгите прошетки и локалните специјалитети.  

Вести

Учењето – пат кон успешен бизнис

На повидок е уште еден успешно реализиран проект кој го завршуваме со настан на кој што ќе ги преставиме резултатите од истиот и алатките кои се сега спремни за користење. Станува збор за конференција на тема „Учењето – пат кон успешен бизнис“ која се организира во рамките на проектот „Претприемачко учење за млади“, финансиран од Европската Унија. Нaстанот ќе се  одржува на 07-08.12 2018г. во Хотел Епинал, Битола, со почеток во 10:00 часот. Секогаш кога ќе се спомне претприемништво, се зборува за успешните бизниси базирани на капиталот и идеите. Ние сакаме да истакнеме уште еден фактор на патот кон успешноста – едукацијата. Основна цел на конференцијата е истакнување на придонесот на едукацијата во развојот и растот на бизнисите, преку претставуање на  резултатите и продуктите од проектот, споделување на лични искуствени примери и панел дискусија. На настанот ќе присутвуваат гости од виското образование,  VET секторот, невладини и младински организации, IT бизниси, иновативни бизниси, потенцијални претприемачи, лидери во светот на претприемништвото, меѓу кои и мотивациски говорници. Истовремено, би сакале со Вас да ја одбележиме 10 годишнината на ЦЕФЕ Македонија и заедчнички да ја прославиме со коктел забава и изненадување за присутните на затворањето на конференцијата. Повеќе детали за програмата и говорниците следуваат наскоро. Вашето присуство можете да го потврдите на следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSf8QPkS8xk3bcmfjKu7r01XNR-l46dwx8pkze2cCWwiv2ZL5A/viewform Со нетрпение Ве очекуваме!