Вести

Вести

Family Matters: заврши пилотирањето на 15 нови алатки за младинска работа

Со одржувањето на меѓународниот рефлексивен семинар во Вору, Естонија, проектот Family Matters влезе во една од своите најважни завршни фази – анализа на пилотирањето и подготовка на финалните материјали за младински работници, едукатори и други професионалци кои работат со млади. Во текот на изминатите месеци, околу 20 младински работници од Македонија, Естонија, Турција и Малта ги пилотираа развиените методи и алатки со млади на возраст од 13 до 29 години. Иако првично беше планирано во процесот да бидат опфатени околу 150 млади учесници, во рамки на пилотирањето беа собрани повеќе од 240 одговори и евалуации од учесниците, што обезбедува значително поширока основа за анализа на практичната применливост и влијанието на развиените методи. Од пилотирање кон финална методологија За време на рефлексивниот семинар во Естонија, младинските работници, експертите и претставниците на партнерските организации ги споделија своите практични искуства од работата со младите. Посебен фокус беше ставен на тоа: – кои алатки покажале најголема практична вредност; – кои елементи треба дополнително да се подобрат; – како методите можат да се приспособат на различни културни и социјални контексти; – како да се олесни нивната примена од страна на младински работници и едукатори; – како да се зајакне соработката со семејствата и родителите во процесот на поддршка на младите. Препораките и искуствата собрани во текот на пилотирањето ќе бидат вградени во финалниот пакет од 15 алатки, наменети за практична употреба од младински работници, едукатори и други професионалци кои работат со млади. Во следната фаза ќе бидат развиени и мини-курсеви преку кои ќе бидат претставени и промовирани 15-те алатки, со цел тие да станат достапни за поширок круг професионалци и организации. Од практика кон научни докази Family Matters не завршува само со развој на практични алатки. Податоците собрани во текот на пилотирањето ќе бидат научно анализирани, со цел да се испита искуството на младите и младинските работници и применливоста на развиениот пристап. Резултатите ќе бидат основа и за подготовка и објавување на научен труд, со што практичното искуство од проектот ќе придонесе и кон пошироката дискусија за квалитетот, иновациите и развојот на младинската работа. Следна станица – Скопје, 17 декември 2026 За сите организации, младински работници, наставници, едукатори, педагози, психолози и други професионалци во Македонија кои работат со млади, следува можност директно да се запознаат со резултатите од проектот. На 17 декември 2026 година во Скопје, ЦЕФЕ Македонија ќе организира конференција на која ќе бидат презентирани резултатите од Family Matters и дел од развиените алатки. Настанот е особено релевантен за професионалци кои бараат практични методи за: ментално здравје и благосостојба на младите, развој на меки вештини, самосвест и личен развој, подобра комуникација, како и поголема соработка со родителите и семејството. Повеќе информации за конференцијата и начинот на пријавување ќе бидат објавени наскоро преку каналите на ЦЕФЕ Македонија. Проектот Family Matters се реализира во рамки на програмата Erasmus+, во партнерство меѓу организации од Естонија, Македонија, Турција, Малта и Италија.

Вести

Beyond Digits го заокружува своето патување – но ресурсите што ги создадовме остануваат достапни и понатаму.

По две години соработка, развој, тестирање и учење, проектот Beyond Digits: Co-productive Financial Education се приближува кон својот крај. На 29 септември 2026 година, проектните партнери се собраа во Малта на Завршната конференција на Beyond Digits, каде што имавме можност да го претставиме проектот во целина, да се осврнеме на постигнатите резултати и да ги споделиме алатките и едукативните ресурси развиени во текот на проектот. Конференцијата обедини проектни партнери, професионалци и други засегнати страни заинтересирани за инклузивно финансиско образование. Учесниците кои присуствуваа во живо имаа можност да учествуваат и во практични работилници водени од проектните партнери, каде што можеа директно да искусат дел од вежбите и методите за учење развиени во рамки на Beyond Digits. Во основата на Beyond Digits беше една важна цел: финансиското образование да стане подостапно, попрактично и поинклузивно за невродивергентни возрасни лица, а истовремено да се зајакнат капацитетите на едукаторите и професионалците кои работат со нив. Во текот на проектот, партнерството разви повеќе едукативни и дигитални ресурси насочени кон важни секојдневни финансиски вештини – од разбирање на парите, трошоците и вредноста, до буџетирање, управување со трошоци и носење информирани финансиски одлуки. На 30 септември 2026 година, по завршувањето на конференцијата, партнерите ја одржаа и завршната транснационална партнерска средба во Малта. На средбата ги разгледавме финалните проектни активности, резултатите и административните обврски и работевме на преостанатите чекори потребни за затворање на проектот и подготовка на финалниот извештај. Иако проектот завршува, неговите ресурси остануваат достапни за користење. Ги покануваме едукаторите, обучувачите, професионалците, организациите, семејствата и сите заинтересирани за инклузивно финансиско образование да ги разгледаат материјалите развиени во рамки на Beyond Digits. Дознајте повеќе за проектот и неговите резултати:https://www.beyonddigits.eu/ Пристапете до сите проектни ресурси:https://www.beyonddigits.eu/project-results/ Меѓу ресурсите развиени во рамки на проектот може да ги најдете: Интегрираниот едукативен пакет алатки (Integrated Educational Toolkit) – кој ги обединува пристапите, ресурсите и алатките развиени преку Beyond Digits. Програмата за обука (Training Curriculum) – креирана за поддршка на развојот на вештини за финансиска писменост кај невродивергентни возрасни лица и професионалците кои работат со нив. Прилагодени материјали за обука (Tailored Training Materials) – практични едукативни активности и вежби кои можат да се користат и адаптираат од едукатори и професионалци. Прирачник за дигитални вештини за професионалци (Digital Skills Manual for Professionals) – насоки за професионалци за користење дигитални алатки и дигитални пристапи во учењето при работа со невродивергентни возрасни лица. Во рамки на проектот беа развиени и дигитални решенија, вклучувајќи 3D едукативна игра и мобилна апликација, дизајнирани да поддржат практично учење поврзано со домашните финансии, трошењето и управувањето со пари. За нас во ЦЕФЕ Македонија, учеството во Beyond Digits беше значајна можност да го дадеме својот придонес преку нашето искуство во искуственото учење и финансиското образование, но и да учиме од партнерите од различни европски земји и, најважно, да ги тестираме материјалите заедно со луѓето и професионалците за кои тие беа создадени. Голема благодарност до сите наши проектни партнери, професионалци, едукатори, учесници во пилот-активностите и организации кои придонесоа со своето знаење, искуство и повратни информации во текот на целиот проект. Формалниот период на проектот можеби завршува, но се надеваме дека алатките, методите и знаењето создадени преку Beyond Digits ќе продолжат да придонесуваат кон подостапно финансиско образование, поголема самодоверба во управувањето со пари и поголема самостојност кај невродивергентните лица.

Вести

ЦЕФЕ Македонија на Меѓународниот форум за тренери во Вајмар

ЦЕФЕ Македонија како органзиација и Јован Сталевски, како тренер, учествуваше на Меѓународниот форум за тренери во Вајмар, Германија, организиран од International Youth Work Trainers Guild – IYWT. Форумот обедини тренери, младински работници, истражувачи и претставници на организации и професионални мрежи кои работат во областа на европските младински програми, неформалното образование и развојот на тренерската професија. Во рамките на настанот, беше претставен и престојниот тренинг за ЦЕФЕ тренери, како и ЦЕФЕ методологијата, нејзиниот искуствен пристап кон учењето и можностите за нејзина примена во претприемништвото, младинската работа, зелената економија, циркуларната економија и развојот на компетенции.  Главната цел на учеството беше воспоставување нови професионални контакти и идентификување точки за поврзување меѓу европските мрежи на тренери и глобалната ЦЕФЕ заедница. Особено значајна е можноста за развој на идни партнерства, заеднички проекти, размена на тренери и поврзување на европски организации со ЦЕФЕ партнери од земји надвор од Европа. За време на Форумот беа претставени и бројни бесплатни ресурси, алатки и практики за личен и професионален развој на тренерите, зелени компетенции, квалитет во меѓународната младинска работа, безбедност на учесниците и одржливост на тренерската професија. Дел од овие ресурси ќе бидат споделени и со мрежата на тренери на ЦЕФЕ Македонија. Учеството на Форумот претставува уште еден чекор кон поголема меѓународна видливост на ЦЕФЕ Македонија и кон создавање нови можности за соработка, проекти и професионални ангажмани за нашите тренери. ЦЕФЕ Македонија ќе продолжи активно да гради мостови меѓу националната, европската и глобалната тренерска заедница, со цел размена на знаење, развој на квалитетни програми и создавање поголемо влијание во заедниците.

Вести

ЦЕФЕ Македонија реализираше тим билдинг и стратешка пазарна симулација за ИУТЕ Македонија

ЦЕФЕ Македонија успешно реализираше интерактивен тим билдинг и стратешка пазарна симулација за тимот на ИУТЕ Македонија, во која учествуваа вработени од филијалите и извршните канцеларии. Обуката беше спроведена преку ЦЕФЕ искуствената методологија, која овозможува учесниците да учат преку реални ситуации, донесување одлуки и анализа на резултатите. Наместо класични предавања, тимовите работеа на практични предизвици кои бараа стратешко размислување, соработка и заедничко креирање решенија. Во рамките на пазарната симулација, учесниците се фокусираа на: Активностите уште еднаш потврдија дека најдобрите резултати се постигнуваат кога тимската работа е поддржана со јасна стратегија, споделена визија и ефективна соработка меѓу различните организациски единици. Преку вакви интерактивни процеси, CEFE методологијата не само што ги зајакнува индивидуалните компетенции, туку придонесува и за развој на организациска култура заснована на доверба, иновација и заедничко учење. Им благодариме на ИУТЕ Македонија за довербата, професионалноста и активното учество во процесот. Секое партнерство кое инвестира во развојот на луѓето е чекор кон посилни тимови и поуспешни организации.

Вести

Семејството, младинската работа и учењето се поврзуваат во едно заедничко европско искуство – Family Matters

Во рамки на Erasmus+ проектот Family Matters, партнерите од Естонија, Македонија, Турција, Малта и Италија продолжија со заедничка работа на развој, тестирање и унапредување на нови методи за младинска работа поврзани со семејните фактори кои влијаат врз младите. За време на втората транснационална средба, која се одржа на 25 и 26 јуни 2026 во Вору, Естонија, партнерите разговараа за досегашната имплементација на алатките, мапирањето на методите кои веќе се пилотирани, како и за оние кои треба дополнително да се тестираат во следниот период. Посебен акцент беше ставен на споделувањето искуства од младинските работници, истражувачкиот процес и подготовката на следните проектни резултати. Во следната фаза, проектот ќе продолжи со:🔹 локално пилотирање и документирање на методите;🔹 подготовка на академски апстракт и научна публикација;🔹 рефлексивен семинар во Естонија во октомври;🔹 методолошки семинари во партнерските земји;🔹 меѓународни онлајн мини-курсеви за поширока публика;🔹 дигитализација на материјалите и нивно споделување преку платформа за искуствено учење. Оваа средба имаше и посебно симболично значење. Во рамки на настаните беше одбележана и прославата поврзана со докторските студии на тим лидерката Керли Коив од Универзитетот во Тарту, посветени на истражувањето на себе-насоченото учење. Сите партнери, преку своите истражувања, искуства и придонеси во рамки на проектите Family Matters и Self-Directed Learning, беа дел од поширокиот процес кој придонесе кон остварувањето на овој академски успех. Бидејќи проектот носи име Family Matters, особено значајно беше и тоа што партнерите имаа можност да ја почувствуваат семејната и заедничката димензија на локалната култура во Естонија. За време на престојот, учествувавме и на отворен фестивал во Роуге, каде што многу домаќинства ги отворија своите домови и дворови за гости. Имавме можност да се запознаеме со локалните жители, да разговараме, да пробаме домашно подготвени специјалитети и да видиме како заедницата може да стане простор за учење, поврзување и меѓусебна поддршка. Токму ваквите искуства ја покажуваат суштината на Family Matters: семејството не е само тема на проектот, туку и реален простор каде што се градат доверба, припадност, поддршка и развој.

Вести

Од Македонија до Уганда – претприемачки вештини за млади и професори

Од 2024 година, кога ја започнавме иницијативата за градење интензивни бизнис вештини кај ученици и студенти, повеќе од 600 млади низ Македонија поминаа низ обуки базирани на ЦЕФЕ методологијата. Најголем дел од нив се ученици од средните стручни училишта, каде што потребата за практично претприемачко образование е особено важна — затоа што токму овие млади луѓе се блиску до конкретни професии, занаети, услуги, производи и можни идни бизнис идеи. Овој пристап на ЦЕФЕ Македонија сега се применува и надвор од Македонија. Во рамки на соработката за развој на претприемачки вештини кај млади во Уганда, беа обучени 108 млади од стручни училишта и центри во регионот Кабале. Преку интензивни ЦЕФЕ обуки, младите работеа на развивање претприемачки начин на размислување, анализа на сопствените лични карактеристики, избор и развој на бизнис идеи, поставување SMART цели, разбирање на пазарот, маркетинг, организација, производство и основи на финансиско планирање. Посебна вредност на овие обуки е што младите не се само слушатели, туку активни учесници. Тие работат во групи, анализираат реални можности од нивната средина, развиваат идеи поврзани со нивното стручно образование и учат како една идеја може да се претвори во појасен бизнис концепт. На тој начин, претприемништвото не се учи само како теорија, туку како практично искуство кое може да им помогне во нивниот професионален и личен развој. Но, влијанието на ЦЕФЕ програмите не завршува само кај младите. Една од најважните придобивки е развојот на самите ЦЕФЕ тренери, наставници и едукатори кои ги спроведуваат овие обуки. Преку подготовка, реализација, коучинг, менторство и рефлексија, тренерите ги надградуваат своите вештини, учат како да работат поблиску со младите и како да ги поддржат нивните идеи на начин кој е различен од класичниот наставен пристап. На тој начин, секоја обука станува двојна инвестиција: младите добиваат нови претприемачки компетенции, а тренерите стануваат посилни фасилитатори, ментори и поддржувачи на младинскиот потенцијал. Искуството од Македонија и Уганда покажува дека ЦЕФЕ методологијата може да биде силна алатка за поврзување на образованието со реалниот живот, особено во стручните училишта. Таа им помага на младите да размислуваат проактивно, да препознаваат можности, да преземаат иницијатива и да градат самодоверба за идни професионални и претприемачки чекори. Со оваа иницијатива, ЦЕФЕ Македонија ги охрабрува училиштата, наставниците, професорите, младинските работници, донаторите и партнерските организации да инвестираат во практично претприемачко образование. Нашата цел е да создадеме генерации млади луѓе кои не само што ќе бараат можности, туку ќе знаат и како да ги создаваат. Остануваме посветени на поддршка на младите, наставниците и тренерите — во Македонија, во регионот и пошироко.