Author name: Trajche Anastasov

Вести

10-годишнината на ЦЕФЕ Македонија одбележана со конференцијата „Учењето – пат кон успешен бизнис“

Среќни сме да споделиме со вас како помина конференцијата „Учењето пат – кон успешен бизнис“, која се одржа на 7-ми и 8-ми декември во хотел Епинал, Битола, како дел од проектот „Претприемачко учење за млади“ финансиран од Европската Унија. На настанот присуствуваа повеќе од 140 учесници, и повеќе од 15 говорници. Првата сесија ја започнавме со Јовица Митевски од Националната Агенција, кој ни ја претстави Еразмус+ програмата, кои активности ги опфаќа и како да се вклучиме. Потоа зборувавме за обуките и како тие влијаат на развојот на бизнисот, а успешни претприемачи и обучувачи нè инспирираа со своите говори. Па така, Зоран Витанов истакна дека клучна работа за успех е фокусот во работењето, а Марина Анчевска ни посочи дека е важно да сме поврзани со работите околу нас, но да не бидеме врзани. Елеонора Божиновска нè запозна со работата и активностите на Агенцијата за Поддршка на Претприемништвото во Република Македонија (АППРМ) и повика на соработка, додека пак Ванчо Видически ја сподели својата приказна како претприемач и иноватор, додавајќи дека добрата идеја привлекува инвеститори, потребна е само упорност.   По ручекот и неформалното дружење, следеше уште една одлична сесија која започна со обраќање на учесниците од обуките кои беа дел од проектот „Претприемачко учење на млади“. Тие ни го пренесоа и едукативнот, но и забавниот дел од обуките и раширија прекрасна енегрија во целата сала. Рaзговарајќи за новите можности, Маријана Милевска од ПРЕДА сподели повик за бизнис акцелерација, а гости беа и Стевче Ристевски и Билјана Ристева од Kromberg & Shubert, Битола. Тие ни зборуваа за талент меанаџмент академијата и дуалното образование, а Билјана ја охрабри публиката, преку својот личен пример, дека никогаш не е доцна да се надоградиме себеси и да го откриеме својот лидерски потенцијал. Ги слушнавме и Бисерка Шемовска и Стефани Петковска од iVote, кои ни зборуваа за kupikniga.mk, онлајн продажбата и придобивките од неа. Вториот ден имавме можност да слушнеме зошто читањето нè прави поуспешни во бизнисот и да ги претставиме магазините кои беа производ од проектот. За да го направиме доживувањето уште поинтересно, ги донесовме претприемачите кои беа интервјуирани во магазините да ги раскажат своите приказни. Марија Матовска (Social Impact Award) зборуваше за социјалното претприемништво и сподели навистина инспиративни претприемачки приказни, додека Маријана Андриќ (Marand Consulting) се надоврза и ја сподели својата бизнис приказна споредувајќи ги почетоците со сегашните достигнувања. Во втората сесија можевме да ги слушнеме Теодора Николовска (Vrootok Marketing), Иван Марковски (Fresh Farm), Тони Бачваровски (Gordian Systems) и Стефан Митров (M3DS), кои несебично ги споделија своите успешни приказни и совети и им доловија на учесниците како учењето им помогнало при креирањето и развојот на нивните бизниси.   За крај, конференцијата ја затворивме со роденденска прослава за една цела декада постоење на ЦЕФЕ Македонија и градење економии засновани на компетенции преку обуки со искуствено учење. Остваривме неформалнно дружење и вмрежување со одлична музика и превкусна торта.

Вести

Зголемете ја Вашата продажба пред новогодишните празници

Несомнено, продажбата е вештина која е предуслов за успешен бизнис. Таа решава се! Без оглед на тоа колку е квалитетна услугата или производот кој се нуди, доколку тие не се разменат – продадат на пазарот, тогаш се безначајни. Но, како и секоја вештина, тоа е нешто што може да се научи и инкорпорира доколку секојдневно се применува наученото, се до моментот кога ќе премине во ново-стекната навика. Она што сите ние го знаеме, но сепак го занемаруваме е фактот дека сакаме да купуваме, но не сакаме да ни продаваат. Што е разликата? Разликата е во тоа што кога ни продаваат, ние слушаме, а кога купуваме продавачот ни го нуди токму она што нам ни треба, затоа што успеал да дознае што ни е потребно. Како успеал да дознае што ни треба? Пристапот и вистинските прашања се клучот за реализирање на продажбата. За таа цел, ЦЕФЕ Македонија организира еднодневна, високо ефективна и практична обука за зголемување на продажбата пред Новогодишните и Божиќните празници. Оваа обука е дизајнирана за сите нови и искусни продавачи кои сакаат да ги надградат своите вештини за продажба и да го искористат своето време најефективно. Исто така охрабруваме да учествуваат и продажни тимови, со што ќе можат да се стават на иста фреквенција и да се подготват за висока реализација. Поконкретно: Доколку сте продавачи, сопственици, менаџери на компании и потенцијални лица кои се вклучуваат во процесите на продажбата … оваа обука е за вас. Обуката ќе ги опфати следниве теми: Зголемување на продажната продуктивност; Како да импресионирате при комуникација со клиенти; Афирмативен VS. Негациски пристап; Клучни навики и вештини за подобрување на продажниот перформанс; Начини за зголемување на влијанието при водењето на продажните преговори; Зајакнување на продажната продуктивност при директна продажба. Што ќе научите? • Идентификување на однесувањето и вештините на успешните продавачи • Опис на различните типови на продажни модели • Да ги идентификувате и применувате елементите на продажната рамка (АИДА) • Разбирање на потребите на потенцијалните купувачи и како да водите продажен разговор • Избирање на техники за затворање на продажбата • Совети за комплетирање и достигнување на продажните цели • Како да развиете акциски план за употреба на вештините на продажба • Стратегии за одржување добра комуникација со вашите клиенти Кои вештини ќе ги усовршуваме? 1. Наоѓање на потенцијални клиенти; 2. Продажна презентација; 3. Преговарање при продажба; 4. Затварање на продажба; 5. Проследување и одржување контакти; 6. Подготовка за старт на продажен тим. Дали ќе биде применливо за мојот сектор? Убавината на ЦЕФЕ обуките е во нивната флексибилност и можноста да ги користите стекнатите вештини во секој дел од живеењето. Структурата на обуката е таква што ќе ве наоружа со вештини за продавање и практични совети кои може да ги користите и практикувате во продажба на услуги, производи и очекувања. Обуката ќе биде фокусирана на препознавање и задоволување на потребите на купците, и на начинот на кој што тие сакаат да им биде продавано и начинот на кој што тие сакаат да купуваат. Вашиот обучувач ќе биде Леонард Каја, Quality & Team Leader во one.Vip ДОО, кој своето долгогодишно искуство од преку 150 обуки, тренинзи и работилници, ќе ви го пренесе Вам, со цел да ги подобрите вашите продажни вештини, а со тоа и вашиот бизнис. Доколку некоја од горенаведените теми претставува дел од мозикот што би ве зајакнал Вам или Вашиот продажен тим во супер продавачи пред претстојните празници, ве очекуваме на 17.12.2018 во просториите на ЦЕФЕ Македонија (Бул. Партизански Одреди 27/А/3), со траење од 16:00 до 21:00 часот да бидете дел од едно практично искуство. Важно: местата се ограничени на 20 учесници! Што треба да инвестирам за себе? Покрај време и посветеност, се очекува од учесниците да инвестираат и финансиски средства. Благодарение на непрофитната дејност на ЦЕФЕ Македонија, оваа обука ќе ви биде овозможена со инвестиција од само 1.600 денари Промотивни услови: За рано пријавување и уплата до 10ти Декември, следува 20% попуст (или 1240 денари). 2. За групно пријавување од иста компанија или организација, следува попуст од 15% (или вкупно 1360 денари) за вториот учесник и 30% (или вкупна цена од 1120 денари) за третиот. 3. За невработени лица и студенти, попустот изнесува 20%, (или 1240 денари) а истиот се одобрува со приложена потврда од Агенција за Вработување на РМ или индекс. Што добивам дополнително? – Секој кој што успешно ќе ја заврши обуката (активно присуство на најмалку 80% од обуката) се стекнува со сертификат издаден од ЦЕФЕ Македонија и потпишан од обучувачите. – Материјали во електронска и печатена форма; – Листа на контакти за ваше идно вмрежување и соработка; – 50% Попуст за дополнителни консултации при изработката на лични стратегии за зголемување на продажба; – Освежување, кафе и закуска за време на обуката; Бидејќи местата се ограничени, ве молиме резервирајте го вашето место навреме, со регистрација на следниов линк. Во политиката на работа на ЦЕФЕ Македонија, изборот на учесници се прави по принципот, прв дојден, прв услужен. А за потврда на резервацијата за учество, ја земаме во предвид уплатата на нашата жиро сметка: НЛБ Банка, АД Скопје 210-0637710601-47, Цел на дознака: Обука за продажба Контактите на организаторот на настанот од ЦЕФЕ Македонија: 078 201 854 или info@cefe.mk Само инвестицијата во себе е сигурен капитал, Ве очекуваме да соработуваме

Вести

Учество на ЦЕФЕ Македонија на Иновативен камп

На 23ти ноември 2018, во Скопје, се одржа Иновативен камп-натпревар на средношколци во оргaнизација на Џуниор Ачивмент Македонија, а со финансиска помош од USAID Macedonia. KICK-IT Скутерс! се победници на Иновативниот камп 2018, на Џуниор Ачивмент Македонија. Тимот на ученици креираше електричен скутер под слоганот: Ако има тркало, има начин! Преку трансформација на инвалидска количка во електричен тротинет, ќе им помогнат на лицата кои им е потребна во секојдневните активности на училиште, рекреативни центри и паркови, болници и рехабилитациони центри и институции, како и поголема пристапност до други активности во општеството. На овој натпревар во претприемнички вештини учествуваа 110 ученици од 22 средни училишта од Кочани, Куманово, Дебар, Гостивар, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Велес, Берово, Струмица, Струга, Охрид и Скопје. Тие беа групирани во 22 тима од по 5 ученици кои меѓусебно не се познаваат. По низата тимбилдинг активности, на учениците им беше дадена задача да смислат производ или услуга што ќе придонесе кон подобра удобност на купувачот со понуденото парче мебел. Во текот на денот учениците работеа на развивање на нивната бизнис идеја со помош на 22 бизнис ментори (на секој тим му беше назначен еден бизнис ментор) од: BAS – Biznis Akademija Smilevski Софа Студио, CEFE Macedonia – ЦЕФЕ Македонија, Aгенција за Подршка на Претприемништво (АППРМ), ИТ компанија ГДИ, Konekt, TINEX, Универзитет Американ Колеџ- Скопје, Image PR, Агенција Ханибиз и Универзитетот за Туризам и Менаџмент Скопје (УТМС). Бизнис менторите ги насочуваа и охрабруваа учениците да ја развијат бизнис идејата според зададениот концепт и да подготват што поквалитетна презентација во PowerPoint во дадениот рок. Во исто време, 30 наставници од средните училишта од цела Македонија присуствуваа на информативната сесија, за платформата на ESP, каде имаа можност да се запознаат со платформата, како таа функционира и како се спроведува во рамките на Програмата на Џуниор Ачивмент за ученичка компанија. Во попладневниот дел, пред почетокот на презентациите од тимовите, на гостите им се обратија: Г-ѓа Љупка Панчевска- в.д. Директор на Џуниор Ачивмент Македонија Г-ѓа Хејзел Кореа- Канцеларија на УСАИД во Македонија Г-дин Петар Атанасов- Заменинк Министер за Образование и Наука По поздравните говори, 22 тима преку подготвените PowerPoint презентации ги претставија своите идеи и бизнис планови пред членовите на жирито во состав: Константин Петковски- Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола Горан Лазаревски- Сојуз на Микфинансиски организации Дијана Зафировска- Тренинг Центар Ц.Е.С. Дејан Бадаревски- Софа Студио Кристина Павлеска- Народна Банка на Република Македонија Учениците ги воодушевија присутните со своите иновативни решенија од паметни и безбедни инвалидски столици, столици со вградени појаси кои овозможуваат намалување на телесната тежина, дигитализирани столици наменети за гости во локали кои се произведуваат од рециклирани природни материјали и користат енергија произведена преку соларни панели, проиводство на модернизирани мулти функционални елегантни фотелји, дигитализирани столици наменети за училишни потреби на децата со пречки во развојот, до производство на паметна подлога за поудобно и правилно седење на било која површина. По сумираните оценки од зададените критериуми за избор, жирито одлучи да го додели првото место на тимот број 2 во состав: Сандра Јакимовска (АСУЦ „Боро Петрушевски„ –Скопје) Загорка Јованова (СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци) Душко Двојаковски (ОСУ „Ацо Русковски“- Берово) Никица Манџуковски (СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“- Скопје) Сара Бранковска (СОУ „Перо Наков“ –Куманово) Бизнис ментор: Даниела Карадаков (Бизнис Академија Смилевски) Тим број 19 го освои второто место: Сара Тодоровска (СОУ „Гоце Делчев“- Куманово) Виктор Петрески (Средно економско општински училиште Гостивар) Христина Нунеска (СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“- Прилеп) Никола Ефремов (СУГС „Никола Карев“- Скопје) Ивана Трајковска (СОУ „Јане Сандански“- Струмица) Бизнис ментор: Ана Аврамоска (Бизнис Академија Смилевски) Третото место му припадна на тимот број 21: Теодора Додевска (СОУ „Гоце Делчев“ –Куманово) Анастасија Петровска ( АСУЦ „Боро Петрушевски“- Скопје) Ева Стојановска (СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин – Скопје) Дафина Кобеци (ЦСНО „Здравко Чочоковски“- Дебар) Верица Ахтарова (СОУ „Јане Сандански“ – Струмица Бизнис ментор: Ивона Милева (Универзитет Американ Колеџ – Скопје) Ние, тимот на ЦЕФЕ Македонија им честитаме на победниците и сме особено благодарни на Џуниор Ачивмент што ни овозможи да бидеме дел од овој настан. *Текстот е превземен од Џуниор Ачивмент Македонија.

Вести

Панел дискусија на тема „Младите и политиките за вработување“

На 22-23.11.2018, во хотел Капри, Битола, ЦЕФЕ Македонија беше учесник на вториот од трите предвидени настани за вмрежување на тема „Младите и политиките за вработување“. На првиот ден од настанот, кој беше организиран од страна на МКЦ Битола, беше реализирана панел дискусија со посебен осврт на младинската гаранција. Модератор беше Дона Костуранова од Младинскиот Образовен Форум (МОФ), а на панел дискусијата учествуваа претставници од Министерство за Труд и Социјална Политика (МТСП), Агенцијата за Млади и Спорт, Агенција за Вработување (АВРМ), Фонд за Иновации и Технолошки Развој, Национален Младински Ссовет на Македонија (НМСМ), меѓу кои и ЦЕФЕ Македонија претставувана од Александра Најческа која зборуваше за добрите практики и ги запозна учесниците со два веќе успешно реализирани проекти на ЦЕФЕ Македонија „GET YES (Global Exchange and Training for Youth Employment Services “ и „Youth Employment Skills“ каде ЦЕФЕ Македонија беше во улога на подизведувач. Вториот ден, 23-ти ноември беше наменет за средби за вмрежување, каде учесниците на претходно закажаните средби имаа можност преку 20 минутни ефективни разговори да се запознаат со претставниците од другите организации и нивната работа, се со цел да се пронајдат заеднички теми на интерес како би се створиле услови за понатамошна соработка. Целта на овој настан беше да им овозможи на учесниците да се запознаат со претстојните политики за вработување и процесите кои се водат. Панелистите го дадоа своето стручно мислење на следниве теми: Младинска гаранција Како да се намали младинската невработеност и кои би биле долгорочните решенија за перспективност во Македонија; Како да се направат младите поконкурентни на пазарот на трудот;  Каква улога играат праксата и дообучувањето во потрагата по работа;  Со кои предизвици се соочуваат младите претприемачи; Кои се мерките кои можат да ја поттикнат културата на иновација и самовработливост; Кои се најголемите бариери при овозможување на полесно вработување за младите луѓе; Што треба да работат на ова поле останатите чинители (носителите на одлуки, образовните институции, граѓанските организации, итн).  Настанот беше наменет за претставници на граѓански организации кои имаат искуство и интерес за работа во полето на младинската невработеност, креатори и спроведувачи на политики за вработување на национално и локално ниво, како и претприемачи корисници на мерките за вработување на млади.

Вести

Успешно реализирана работилницата за Канва дизајн алатката

На 15.11.2018, во просториите на ЦЕФЕ Македонија беше одржана сателит работилница во рамки на Светската Недела на Претприемништвото. Станува збор за Работилница за Canva™ дизајн алатката, каде што се зборуваше за важноста на визуелниот идентитет на бизнисите и како да дизајнираме како професоналци со помош на Canva™. Притоа, учесниците имаа можност сето тоа и практично да го искусат, за потоа да го применуваат во своите бизниси. На обуката присуствуваа 18 учесници кои, благодарение на обучувачот Предраг M. Клекачкоски, се здобија со нови теоретски знаења и практични вештини од областа на дизајнот и маркетингот. Работилницата траеше 4 часа и во тој период присутните, работејќи во групи, имаа прилика да ја испробаат алатката и да изработат свој дизајн, кој подоцна беше анализиран од страна на сите учесници. По завршувањето на обуката, следуваше сесија за прашања која благодарение на љубопитноста и интерактивноста на учесниците им овозможи да се здобијат со дополнителни информации. Поради големиот интерес, наскоро ќе биде одржана уште една работилница од овој тип. Очекувајте информации наскоро.

Вести

Обука за користење на Canva дизајн алатката

Во рамки на Глобалната Недела на Претприемништво, ЦЕФЕ Македонија организира сателит работилница – обука за користење на Канва дизајн алатката од страна на малите и микро бизниси. Ве повикуваме да бидете дел од оваа обука и да го заокружите успехот на Вашиот нов бизнис со реклами кои можете самите да ги направите и да научите како да го рекламирате Вашиот продукт или услуга со дизајн во Ваша креација. Со учество на оваа работилница добивате: Бесплатна обука за работа на алатка за дизајн на содржина за социјални медиуми. Вовед во online presence strategy Основни знаења за дизајнирање на постер. Како сами да креирате промотивни материјали (флаери, постери, покани итн.) Работилницата ќе се одржи на 15.11.2018 година, од 16:00 до 20:00 часот во просториите на ЦЕФЕ Македонија со адреса „Партизански Одреди бр. 27/А/3“. За учество на обуката ве молиме регистрирајте се на https://goo.gl/forms/UNF9Mo5pDqaN9xGp2 , Местата се ограничени, пријавете се што поскоро.