ХАЈП Академија – Млади претприемачи со иновативни бизнис идеи

Сподели

Во периодот од 25 до 27 септември 2025 година, во Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се одржа ХАЈП академијата за млади претприемачи, на која учествуваа 35 млади луѓе со иновативни идеи и голем претприемачки дух.

Преку динамична програма базирана на ЦЕФЕ методологијата, учесниците поминаа низ сите главни чекори потребни за развој на една бизнис идеја: од дефинирање на личната претприемачка мотивација, преку градење и анализа на самата идеја, поставување SMART цели и истражување на пазарот, до маркетинг стратегии, операции, финансиски предвидувања и финална презентација пред жири комисија и потенцијални финансиери.

Младите имаа можност да учат преку практични вежби: креирање и продажба на производи, работа во тимови, справување со предизвици, како и менаџирање на трошоци и приходи. Целта беше да се усовршат нивните увидувања во реалните процеси на водење бизнис и да изградат вештини кои ќе им служат и во иднина.

На завршната сесија, беа претставени 8 бизнис идеи што оставија силен впечаток врз жирито и поттикнаа многу прашања и сугестии. Ова претставуваше голем чекор за младите претприемачи кои го започнуваат својот пат кон градење одржливи и успешни бизниси.

Обуката беше реализирана од страна на обучувачите и менторите на ЦЕФЕ Македонија – Јован Сталевски, Маја Дафкова и Весна Ефремова – во соработка со организаторите од American Corner Штип предводени од Благој Трајков и неговиот тим од повеќе организации. Настанот имаше силна поддршка од Амбасадата на САД во Северна Македонија, а во жирито учествуваа Игор Мишевски, Габриела Ставреска Богојевска, Мартин Костадиновски и Силвија Гелевски.

Најголема благодарност упатуваме и до родителите и наставниците, кои секојдневно стојат зад овие млади луѓе и ги охрабруваат на нивниот кариерален и животен пат.

ХАЈП Академијата уште еднаш покажа дека младите во Македонија се полни со идеи, енергија и визија за иднината – а нашата мисија во ЦЕФЕ Македонија е да ја поттикнеме нивната креативност и да им помогнеме да станат идните лидери и претприемачи на нашата заедница.