Национален натпревар за финансиска писменост и конференција за нејзината важност во Охрид

Доколку знаеме дека Македонија, заедно со Романија имаат најнизок коефициент (56%) на финансиска писменост на населението во Југоисточна Европа (57%), ве информираме дека проектот „Финансиска писменост за млади претприемачи“ ФИН ЈЕС, им даде финансиски компетенции на преку 140 млади (средношколци и студенти) од Македонија. Исто така, обучи и преку 20 едукатори, наставници, професори како да обучуваат млади лица за финансиска писменост преку користење на искуствени алатки. Со тоа придонесе да се зголеми финансиската писменост и тоа претежно на целни групи млади и млади кои живеат надвор од главниот град. 

За таа цел на 15.03.2024 година, во просториите на Универзитетот за Информатички Науки и Технологии Св. Апостол Павле – Охрид, се одржа завршната конференција од проектот „Финансиска писменост за млади претприемачи“ ФИН ЈЕС која ги промовираше резултатите и даде предлози за натамошно јакнење на финансиската писменост во Македонија.

Целта на проектот беше давање на основни финансиски вештини и знаења за водење и организирање на мал бизнис. Како иновативен производ од проектот се тестираа и се воведоа искуствени алатки и гемификација како наставни методи (борд гејм), како и организација на натпревар за финансиска писменост на државно ниво за младите од средните училишта и факултетите.

Преку нашите вклучени партнери од образованието (СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани; Младинска секција на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид; Универзитет за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ Охрид; Правен факултет при УКЛО – Битола; Економски факултет УГД – Штип; Факултет за земјоделски науки и храна при УКИМ – Скопје; СОУ Гимназија Јосип Броз Тито Битола; ДС Економнско Училиште „Јане Сандански“ Битола; ОСМУ Медицинско училиште „Др. Јован Калаузи“ Битола; Економски Факултет Прилеп; Американските Катчиња во Струга, Штип и Битола; Приватната Гимназија „САБА“ Штип; како и СОУ „Коле Нехтенин„ од Штип;) за нивните вработени овој проект ќе обезбеди и одржливост на наставните методи.

Вклучените професори искажаа дека овој начин на работа ги вклучува подеднакво сите ученици и им дава можност самите да истражуваат и заклучуваат, и дека им ја зголемува ефективноста на достава на научените теми. Исто така професорите изјавија дека користењето на алатките ќе го вметнат во секојдневното работење и дека натпреварот сакаат да прерасне во традиционален натпревар за финансиска писменост.

Проектот е кофинансиран од Американската амбасада во Скопје, а реализиран од ЦЕФЕ Македонија и нивните партнери и соработници. 

Тимот и учесниците на ФИНЈЕС проектот, ги повикува креирачите на национални политики за јакнење на населението со компетенции за финансиска писменост, да се фокусираат на следните предлози:

  1. Развивање на клучните вештини за финансиска писменост преку  формалното образование. Теми: буџетирање, планирање и штедење, разбирање на каматите, инфлацијата,  диверзификацијата на ризикот, банкарски производи, разбирање на финансиски биланси и терминологија за водење на мал бизнис. Ова да се прави преку искуствено учење и методи, кое се покажа дека позитивно делува на развој на компетенциите кај младите за финансиска писменост.
  2. Политиките и мерките за јакнење на финансиската писменост да се   адаптирани за различни целни групи и нивните специфични потреби. Да се ​​прави разлика помеѓу одредени групи, како жени и постари лица, на кои ќе им треба подобро обезбедување на финансиска едукација и претприемачи, кои ќе бараат различни компетенции, за разлика од потрошувачите. Финансиското знаење на мигрантите и нивните семејства (приматели на дознаки) би требало да се зајакне во некои од земјите во регионот.
  3. Охрабрување и создавање на позитивна култура која ќе ги мотивира младите на долгорочно планирање и развивање на ставови за штедење заедно со претпазливо финансиско однесување за да се подобри финансиската отпорност и да се поддржат потрошувачите во исполнувањето на нивните долгорочни цели. (животно штедење, имотно прашање, инвестиција и развој на бизнис, духовно и професионално надоградување, итн…)

Препораки за едукатори и организации кои спроведуваат едукација за финансиска писменост:

 

  • Користете нови и дигитални алатки за подобрување на финансиската писменост но и на дигиталните вештини кај населението,
  • Користет методи на искуствено учење бидејќи на тој начин се адресираат сите аспекти на компетенциите за финансиска писменост,
  • Мерете секогаш после обука или едукација какви ефекти се поситгнале и не се плашете да иновриате и да се подобрувате
  • Објавете какви резултати постигнувате со вашите едукации за финансиска писменост до различни институции за да се подобри довербата и соработката меѓу различните сектори за заедно да работат на јакнење на финансиската писменост.