Имаме нови колеги – обучувачи во Европа

Нови 12 обучувачи кои користат искуствено учење ни станаа колеги во 2024 година. Доколку  сакаме да го промениме образованието во светот, ни требаат се повеќе едукатори и обучувачи кои ќе ја користат моќта на искуственото учење. 

Од 18 до 23 март, во Жежув, Полска, заврши циклусот на стандардизација и обука на новите обучувачи кои доаѓаат од Полска, Турција, Украина, Хрватска, Холандија и Ерменија. Организатори на овој настан беа тимот од „Фондацијата за Европска Соработка“ од Полска. Обучувачите ги усовршуваа своите компетенции за обучување во периодот 2023 и 2024 преку процес од 4 фази:

  1. Обука за обучувачи во јуни 2023 во Полска;
  2. Онлајн курсеви за теориите на искуствено учење;
  3. Менторство во спроведување на обуки на други лица (вкупно 200) во нивните локални средини, но и на интернационално ниво, во рамки на Еразмус+ програмата;
  4. Состаноци за рефлексија, оценување и подобрување со нивните ментори (Јован Сталевски, Мустафа Ердоган, Волкан Мудерисоглу);

Секој од обучувачите поседува соодветно техничко знаење и искуство од својата област (пример: вештачка интелигенција, проектен менаџмент, човекови права и демократија, граѓанско учество, политики и лобирње, кариера и др…), додека во овој процес тие ги стекнуваа и усовршуваа своите обучувачки компетенции како да ги пренесат своите знаења и искуства на нивните целни групи граѓани. 

Овој процес  им овозможи интернационална сертификација од „Интернационалната мрежа за искуствено учење“ – ИЕЛН. Мрежата е легален ентитет кој е регистриран во Естонија и има визија да ги обедини сите обучувачи и едукатори кои користат искуствено учење во нивната работа. Со заедничка мисија, да го подигнеме образованието во светот на повисоко ниво каде луѓето ќе добиваат компетенции, а не само знаење. Основачи на ИЕЛН се лица и организации од Естонија, Турција, Портигалија, Малта, Полска, Словенија, Грција и ЦЕФЕ Македонија од Македонија. До сега, во ИЕЛН мрежата, членуваат околу 50 обучувачи, кои се вмрежуваат и споделуваат алатки, литература, совети и информации на онлајн платформата Експерианта.

За овој процес на креирање на нови обучувачи, еден од идеолозите и основачите на ИЕЛН мрежата, обучувачот Мустафа Ердоган, коментираше: „Благодарност до организаторите и котренерите Јован и Волкан, што придонесовме да се создадат нови обучувачи, и колеги, а во исто време ИЕЛН мрежата да се прошири, да има нови промотери, и да прави вредност во земјите и регионите од каде што доаѓаат“. 

Јован Сталевски, еден од мастер обучувач кој го водеше процесот, коментираше дека ова „патување“ на кое што се вложија новите 12 обучувачи бараше висока мотивација, временска инвестиција, истрајност, подготвеност да се прифатат и падовите и подемите и голема посветеност кон учење. „Им честитам на сите за трудот,  посветеноста и одлучност да ја определат својата кариера како обучувачи за искуствено учење. И голема благодарност и признание за сите што, иако се млади меѓу 20 и 29 години, покажаа професионалност, одговорност и најважно од се посветеност кон квалитетот на обуките за крајните учесници“. 

На наше големо задоволство ве информираме дека овој процес на обучување и сертифицирање за обучувачи за искуствено учење го отвораме и во Македонија, преку обучувачите на ЦЕФЕ Македонија и првата обука ќе започне во октомври 2024 година. Сите заинтересирани да не контактираат на +389 78 37 267 и info@cefe.mk, следете ги нашите социјални мрежи за целосниот пакет на информации.