Вести

Вести

Партнерски состанок во Кавала, Грција

На 17, 18 и 19 мај 2019 година, во Кавала, Грција се одржа четвртиот интернационален состанок во рамки на проектот „Искуствено учење за угнетените групи на возрасни“ (Experiental Pedagogy of the Oppressed for Adults). На состанокот присуствуваа ЦЕФЕ Македонија, ГЕГЕД од Турција, АЕДДП од Грција, ЕУРО НЕТ од Италија и БАСД од Бугарија. Овој проект цели кон развивање на вештините на мигрантите и помагање во нивната социјална интергација, развивајќи ги нивните компетенции и учејќи ги како да ги избегнат или надминат конфликтите преку подобрување на условите за живеење, писменост, пристап до јавни услуги, ИКТ и јазични вештини и поттикнување на интеркултурно учење и физичко-социјален развој; преку развој на активности за обука и создавање разни интелектуални производи, вклучувајќи истражување за нивните потреби и прирачник насочен кон обучувачи и експерти кои работат со оваа целна група. Имено, на состанокот во Кавала се зборуваше за резултатите од активностите кои беа реализирани во изминатиот период и за активностите кои следуваат. На вториот ден од состанокот, акцентот беше ставен на обуката за обучувачи на која домаќин ќе биде ЦЕФЕ Македонија и ќе биде реализирана во периодот од 7ми  до 13ти  јули 2019 година во Охрид.

Вести

Обука за младински работници во Чешка

Во перидот од 16ти до 25ти Јули, во Оломуц, Чешка, ќе биде одржана обука за младински работници. Обуката ќе биде сконцентрирана на програма за вработување и е наменета за сите оние кои работат или сакаат да работат со млади и сакаат да се стекнат со вештини со кои би им помогнале на младите при процесот на вработување. За повеќе информации околу обуката кликнете на следниов линк. Сите заинтересирани треба да ја пополнат онлајн пријавата најдоцна до 15.04.2019. За дополнителни можете да не исконтактирате на нашиот контакт телефон: 078/201-854 или на нашата е-меил адреса: info@cefe.mk.

Вести

Обука за обучувачи во ЦЕФЕ Македонија

Живееме во ера каде неформалното образование зема се поголем замав, па професионалците не се воздржуваат и несебично го споделуваат своето знаење и искуство. Како и секоја друга професија, така и обучувањето бара одредена структура и континуитет во работата за да обучувачите прераснат во професионалци кои своето знаење го пренесуваат беспрекорно. Бидејќи обуките се важен дел од развојот на човечкиот капитал, за да бидат успешни обучувачите мора да бидат подготвени да ги применуваат техниките на обучување согласно барањата на целната група. Секој обучувач мора да го има техничкото знаење за да може со помош на методите и техниките за обучување да го пренесе своето знаење и искуство на учесниците, мора да ги знае меѓучовечките односи, за да во текот на обуката биде запознаен и со групните процеси. Оваа обука е дизајнирана да ве запознае со начините на работа со возрасни. Секој тематски дел е комбиниран со вежби и техники кои вие понатаму ќе можете да ги моделирате и прилагодувате во однос на вашите потреби. Целта на оваа обука е да ве обучиме вас, учесниците, за методологија на испорачување на обука (структура на обука, енерџајзери, јавно говорење, употреба на практични вежби, држење на вниманието на учесниците и сл.) Предвидените цели ќе се постигнат преку предложените модули: Важност на обуките Како учиме Обука на возрасни Успешни обучувачи Значење на комуникацијата Методите и техниките за обучување Искуствено учење Меѓучовечки односи Групните процеси и управувањето со нив Обуката ќе биде спроведена од Јован Сталевски, обучувач со домашно и интернационално искуство. Јован е интернационално сертифициран, сениор – обучувач, од страна на ЦЕФЕ Интернационал. Поседува над 10 години искуство во обуки за претприемништво, кариерен развој, проектен менаџмент и обуки за обучувачи по светски признатата ЦЕФЕ Методологија. Во портфолиото на учесници се вбројуваат вработени во корпорации, државни институции, фондации, универзитети се до претприемачи, млади и едукатори од целиот свет. Кога станува збор за обуки и коучинг за обучувачи, неговата биографија освен бројни тренинзи во Македонија, вклучува и обуки за обучувачи во Турција, Хрватска, Холандија, Јамајка и Филипини. Методите кои што ќе бидат применети при обуката се: структурирани вежби за искуствено учење, симулации, играње на улоги, студии на случаи, минимални предавања, групна работа, коучинг и работа на терен. По завршувањето на обуката, учесниците ќе добијат соодветен пакет со материјали кои се потребни за нивниот професионален развој: Прирачник за обука на обучувачи на 80 страници; Примери за: креирање на ППТ презентации, дизајн на курикулум, дизајн на агенди, буџети за обука, евалуација на обука, информативни листи за учесници и др; Сет со вежби за енергизирање и креативно поттикнување на учесниците; Истите може да ги прилагодуваат и применуваат потоа во тековното работење; Сертификат за успешно завршена обука за обучувач. Обуката ќе биде одржана на 18ти,19ти и 24ти Мај 2019, во просториите на ЦЕФЕ Македонија,  Бул. „Партизански Одреди бр. 27/А/3 (Над Комерцијална Банка во Буњаковец). Вашата инвестиција за оваа обука ќе изнесува 12. 000 денари. Во политиката на работа на ЦЕФЕ Македонија, изборот на учесници се прави по принципот, прв дојден, прв услужен, а уплатата ќе може да се изврши на две рати. Бидејќи местата се ограничени, Ве молиме резервирајте го вашето место навреме со регистрација на следниов линк. За повеќе информации, обратете се на нашиот контакт телефон: 078/201-854 ; 070/338-355 или на е-меил: info@cefe.mk  

Вести

Успешно реализирана првата трибина за семејни бизниси

На 14.03.2019 во Јавна Соба, беше реализирана првата „Трибина за семејни бизниси“. Идејата за реализирање на ваков настан беше поттикната за време на истражувањето кое ги опфати семејните бизниси во Македонија кои потенцираа дека најсоодветен начин за стекнување со знаења и вештини потребни за успешно водење на бизнисот, е преку обука, како и споделување на искуства со други претставници на семејни бизниси.   За таа цел ЦЕФЕ Македонија и Центарот за Бизнис Психологија ја организираа оваа трибина на која сопствениците и наследниците на семејните бизниси имаа прилика меѓусебно да се инспирираат и мотивираат, а воедно и да остварат нови контакти. Откако Јован Сталевски, Марина Анчевска и Зоран Витанов се претставија пред публиката и ги запознаа гостите со проектот „ФАБУС“, од каде произлезе потребата за организирање на еден ваков настан, започна првата сесија во која сопствениците на семејни бизниси (Љупчо Ашкилов – Магнаскен; Ена Норлинд – ДАН – МАК; Снежана Станојковиќ – Бучен Козјак; Сашко Станоевски – Еуросолид; Мери Терзиеава – Идила) одговараа и дискутираа на прашања поврзани со нивното гледиште и искуство при предавањето на бизнисот на нивните наследници, за нивната поврзаност и како се родила идејата да го започнат бизнисот.   Во втората сесија, која беше наменета за наследниците на семејни бизниси (Бојан Ашкилов – Магнаскен; Бојан Георгиевски – Шпедиција „ДИМА“; Иван Богоевски – Б Вач; Анита Спасовска – Бучен Козјак; Дина Муцунска – Хотел Манастир) се отвори интересна дискусија за тоа како изгледа предавањето на бизнисот од нивна перспектива, со какви предизвици се соочуваат, како тие гледаат на бизнисот и како наоѓаат начин да имплементираат иновации и промени кои не се баш добро прифатени од нивните родители.   Освен сопствениците и наследниците на семејните бизниси, на овој настан учествуваа и претставници на финансиски институции. Ива Ковачевиќ од Европска Банка за Обнова и Развој и Игор Маџов од South Central Ventures, кои ги претставија нивните модели на финансисрање и помагање на семејните бизниси, а воедно споделија и искуство од веќе реализирани соработки со некои семејни бизниси во Македонија. Настанот беше заокружен со коктел на кој сите учесници имаа прилика подобро да се запознаат, да се вмрежат и да остварат бизнис контакти за идна соработка.  

Вести

Отворен повик за градeње ментори за социјално претприемништво

Започнавме со нов проект кој цели кон градење ментори и фасилитатори за социјално претприемништво, во соработка со партнерски оганизации од Азербејџан, Хрватска, Грција, Бугарија и Турција. Учесниците  добиваат обука, менторство и пракчтична реализација, во времетрање од 1 година, со што се стекнуваат со потребното знаење и искуство да бидат ментори и фасилитатори за социјално претприемништво, добивајќи меѓународно признаен сертификат.  Бараме луѓе кои се гледаат себеси како идни професионалци во оваа област, доколку сте заинтересирани, погледнете го инфо пакот, пополнетe ја апликацијата и пратете ни ваше CV на info@cefe.mk со назнака “CV за ментор и фасилитатор за социјално претприемништво“. Учесниците кои што ќе го поминат целиот процес, на крајот на проектот ќе добијат можност да склучат соработка со ЦЕФЕ Македонија, со што ќе бидат вклучени во нашата дата база, со над 60 експерти и консултанти, која се користи при аплицирање на тендери и проекти.

Вести

Трибина за семејни бизниси

Настан кој што ќе ве инспирира и мотивира и на кој ќе имате можност да запознаете нови контакти! Во Македонија семејните бизниси завземаат речиси две третини од вкупната бројка и имаат голем удел во бруто домашниот производ, како и во понудата на работни места, со што се клучни фактори во македонската економија. Главна одлика на семејните бизниси, доколку се добро менаџирани, е нивната долготрајност, флексибилност и најважно од се, освен пренесувањето на капиталот – трансферот на вештините,  знаењето и вредностите од една на друга генерација. Според податоците од истражувањето направено на територијата на Р. Македонија, кога станува збор за знаењата и вештините, како најсоодветни за претставаниците на семејните бизниси кои беа дел од ова истражување, се наведува потребата од: Алатки и механизми за разбирање и менаџирање на клучни прашања поврзани со бизнисот; Алатки и механизни за донесување на одлуки со компромис; Познавања и вештини за креирање и имплементација на реалистична стратегија за раст на семејниот бизнис; Испитаниците се изјаснија дека најсоодветен начин за стекнување со овие знаења и вештини е преку обука, како и споделување на искуства со други претставници на семејни бизниси. За таа цел, ЦЕФЕ Македонија, во соработка со Центарот за бизнис психологија, ја организира оваа прва „Трибина за семејни бизниси“. Зоран Витанов, Марина Анчевска и Јован Сталевски преку дискусија со основачи и наследници на семејните бизниси, ќе ви ги пренесат добрите практики кои им овозможиле континуиран раст и развој на нивните компании, како и решенија кои се покажале како најефикасни за надминување на предизвиците. Бизнис трибината ќе се состои од два дела: Во првиот дел ќе се обработуваат теми кои ги засегаат основачите на семејните бизниси, а специјалните гости ќе дадат одговор на следниве прашања: Како го започнале бизнисот? Како дошле до идеја? Дали е ова тоа што го започнале или имало промена? Со кои предизвици се справувале? Што е тоа што може да го споделат како совет? Кои се нивните наследници? Дали ако немаат наследник би го продале бизнисот? Дали се врзани за бизнисот? Во вториот дел ќе се обработуваат теми кои ги засегаат наследниците на семејните бизниси, а специјалните гости ќе дадат одговор на следниве прашања: Како го чувствуваат бизнисот? Како и зошто станале дел од бизнисот? Со што се справуваат? Бидејќи секоја нова генерација се разликува од претходната, какви промени направиле и како на тоа реагирале основачите на бизнисот? Како семејниот систем влијае на организацискиот систем? Дали можат да го одвојат семејството од организацијата или се испреплетени? Освен знаењето и практичното искуство кое ќе ви го пренесат нашите почитувани гости, дополнителна вредност на овој настан е што по завршувањето на официјалниот дел, предвиден е и коктел, каде во релаксирана атмосфера ќе имате можност да се запознаете и да се вмрежите со останатите претставници на семејните бизниси, како и претприемачи со кои би можеле да остварите понатамошна соработка и размена на искуства. За кого е оваа трибина? За сопствениците на бизниси кои сакаат да им го предадат бизнисот на нивните наследници; За оние што веќе работат во бизнисот и имаат некакви вештини за водење и превземање на бизнисот; За оние на кои што родителите сакаат да им го предадат бизнисот, но не се во бизнисот и немаат основни вештини за водење и превземање на бизнис; Настанот ќе биде одржан на 14.03.2019 во просториите на Јавна Соба, со времетраење од 11:00 до 14:00 часот. Вашата инвестиција за овој настан ќе изнесува 600 денари, со вклучен пијалок и коктел. Бидејќи местата се ограничени, Ве молиме резервирајте го вашето место навреме со регистрација на следниов линк. Влезниците ќе може да ги купите на денот на одржувањето на настанот.