ЦЕФЕ обука за бизнис вештини во Уганда: Претприемачка иницијатива инспирирана од проектот GET YES 2

Сподели

Во периодот од 7 до 11 април 2025 година, во стручното училиште „Шалом“ во Кабале, Уганда, се одржа обука за развој на бизнис вештини за 20 ученици. Обуката се спроведе според ЦЕФЕ методологијата, овозможувајќи им на младите да ги унапредат своите способности за:

  • претприемачко себе-препознавање,
  • генерирање и селекција на бизнис идеи,
  • поставување цели,
  • анализа на околина,
  • маркетинг, организациско и финансиско планирање.

Целта на обуката е учениците од стручните училишта да научат како да ги искористат своите технички вештини за креирање одржливи бизниси.

Горди сме што нашата работа продолжува да има влијание дури и по завршување на проектите. Обуката во Кабале е резултат на ангажманот на Џералд Ареебахона, кој во 2021 година беше обучен преку Еразмус+ проектот GET YES 2 www.getyesproject.com Денес, преку неговата организација Drucilla, тој ги пренесува стекнатите знаења на ученици и наставници во регионот на Кабале.

Според Џералд, интересот е огромен – учениците веќе работат на свои бизнис идеи, а и наставниците побараа обука за ЦЕФЕ методологијата. Ова е доказ дека иницијативите базирани на практични, искуствени методи можат да предизвикаат долгорочни позитивни промени во локалните заедници.

Оваа соработка не завршува тука – се планира продолжување преку идни обуки за проектен менаџмент од 2026 година, со цел натамошно јакнење на претприемачките капацитети во Уганда.