Благодарение на соработката помеѓу ЦЕФЕ Македонија и Rouge Youth Center, и со поддршка од Европскиот корпус за солидарност – младите имаат можност да волонтираат во странство, да истражат нова култура и да придонесат значајно во локалната заедница.
Следните прашања ќе ви помогнат подобро да разберете какво е навистина ова искуство.
Може ли да се претставите и да ја објасните вашата улога во ESC проектот?
Сандра Смиљкова – Имам 24 години и доаѓам од Македонија. По завршувањето на факултетот сакав да направам нешто што ќе биде значајно, возбудливо и ново – тогаш го открив волонтирањето. Моментално сум волонтер преку Европскиот корпус за солидарност и работам во младински центар во Роуге, Естонија.
Александар Мишев – Имам 24 години и сум од Македонија. По работа на различни работни места и во различни земји, сакав да направам нешто поразлично, нешто предизвикувачко – и тогаш слушнав за ESC, што беше токму она што го барав. Сега ја вршам мојата волонтерска служба во младински центар во Роуге, мало село на југот на Естонија.
Еле Лакс – Имам 25 години и работам како менаџер за младинска работа во Роуге, Естонија. Целиот мој живот сум во полето на младинска работа и активностите водени од млади секогаш ми биле блиски. Исто така, ми е важно да им давам можности на другите. Навистина е убаво искуство да ги угостиме нашите прекрасни волонтери.

Која е мисијата на примачката организација и што работите таму?
Општината Роуге е многу мала и се наоѓа во рурална област. Многу млади таму немаат контакти со луѓе од други земји и најчесто живеат во мали места. Нашата мисија е да го прошириме светогледот на младите и да им дадеме можности преку младинска работа. Најважно ни е да им овозможиме на младите да се откријат себеси преку неформално учење и младински активности. Моментално, нашата главна активност е обезбедување на отворени младински услуги во 7 куќи.
Како примачката организација придонесува во локалната заедница?
Ние сме главната точка на поврзување помеѓу младите и возрасните. Младинските работници се важни личности кои создаваат врски со младите, а преку тоа RNTK е вклучен и ги охрабрува младите да учествуваат во локалната заедница.
На какви задачи и одговорности работите како волонтери?
Како волонтери, нашата главна улога е да креираме и водиме разни активности и работилници за младите. Осмислуваме забавни предизвици, учиме нови работи заедно и ја споделуваме нашата култура и традиции.
Исто така, сме вклучени во локалната заедница. На пример, учествуваме во меѓугенерациски активности како „утрински чај со танцување“ со постарите, каде што разменуваме традиции, танцуваме и слушаме музика од двете култури.
Друг дел од нашата работа е посетување училишта низ општината – особено за децата кои не можат да го посетуваат младинскиот центар. Соработуваме и со други локални организации фокусирани на младите и претприемништвото, и заедно организираме активности и настани.

Кои вештини ги развивте преку ова искуство?
Една од највредните работи што ги научивме е подобро да ги разбираме младите – како размислуваат, комуницираат и се вклучуваат, дури и кога има јазична бариера. Ги подобривме нашите комуникациски вештини и адаптибилноста во мултикултурна средина.
И, на полесна нота, совладавме една важна културна вештина: да бидеме точни – секогаш и насекаде! 😀
Може ли да споделите некои предизвици со кои се соочивте како волонтери и како ги надминавте?
Селидбата во нова земја, далеку од дома, секогаш е предизвик. Културните разлики и времето беа тешки за прилагодување на почетокот. Но, со отворен ум, прифаќање на промените и обид да се вклопиме, работите постепено станаа полесни.
Создавањето пријателства тука навистина направи разлика. Чувството на поврзаност со луѓето ни помогна побрзо да се прилагодиме и да се чувствуваме како дома.
Какви културни разлики доживеавте преку овој проект?
Веќе ја споменавме првата – да бидеш точен насекаде, што беше голема промена за нас, но и вредна! Друга културна разлика е тоа што луѓето тука се по резервирани отколку што сме навикнати.
Со текот на времето, научивме да ги разбереме и почитуваме овие разлики. Тоа беше наградувачко искуство за двете страни – да се сретнеме на средина, да ги почитуваме пристапите едни на други и да растеме преку размената.

Како волонтирањето во странство ве промени лично и професионално?
Ова искуство беше огромна можност за раст. На личен план, научивме како да се прилагодуваме, да се поврзуваме и да градиме пријателства со луѓе од различни културни средини.
Професионално, стекнавме практично искуство во младинска работа – нешто што не е толку развиено кај нас. Возбудени сме да го пренесеме наученото дома и да инспирираме нови идеи и иницијативи.
Би ги охрабриле ли другите млади да се вклучат во Erasmus+ или слични волонтерски програми? Зошто?
Дефинитивно ДА! Волонтирањето преку Erasmus+ е искуство што го менува животот. Личниот раст, професионалниот развој, можноста да се истражуваат нови култури и пријателствата што ги создаваш – сето тоа е неверојатно вредно.
Ова е искуство што ќе го носиме со нас засекогаш и навистина веруваме дека повеќе млади треба да ја имаат оваа можност.


