Успешно заврши првата меѓународна обука во рамки на проектот Family Matters

Сподели

Во периодот од 2 до 6 декември 2025 година, во прекрасната природна средина на Националниот парк Пелистер, во хотел Молика – Битола, ЦЕФЕ Македонија успешно ја организираше и реализираше првата транснационална обука во рамки на Erasmus+ проектот Family Matters – “Transforming Youth Work: Design and Innovation Techniques”.

Обуката собра 25–26 учесници – младински работници, експерти, истражувачи и проектни менаџери од Естонија, Турција, Малта, Италија и Македонија, кои заеднички работеа на развој на иновативни методологии за поддршка на млади кои се соочуваат со семејни предизвици.

Процес на учење, ко-креација и иновација

Првиот ден беше посветен на запознавање, вмрежување и тимско градење, како и на усогласување со целите на проектот и очекувањата од обуката. Учесниците добија вовед во системската семејна терапија, нејзините основни принципи и нивната примена во младинската работа. Преку заедничка дискусија беа дефинирани темелните принципи на квалитетна младинска работа и јасни критериуми за избор на интервенции.

Во текот на следните денови, процесот се продлабочи преку: презентации на истражувачки трудови и научни докази, анализа и селекција на докажани интервенции од семејната терапија, дискусии и експертска размена меѓу партнерите, и практична работа на дизајнирање ефективни сесии (цели, активности, очекувани резултати и евалуација).

Посебен фокус беше ставен на структурирање и документација на алатките, со цел тие да бидат практични, применливи и корисни за младинските работници низ Европа.

По пет интензивни и продуктивни работни дена, обуката заврши со извонредни резултати:

  • Креирани и адаптирани се 15 практични алатки за едукација и обука на младински работници, базирани на научни истражувања и докажани семејно-терапевтски интервенции.
  • Изработен е првиот нацрт-курикулум на програмата Family Matters, кој ќе служи како основа за понатамошен експертски развој и финална методологија.
  • Зајакната е соработката меѓу партнерските организации и поставени се јасни темели за следните чекори: втората обука во Турција и шестмесечниот пилот-процес.

Покрај работниот дел, учесниците имаа можност да ја почувствуваат и културната и социјалната димензија на Битола. Во рамки на програмата, тие присуствуваа на културен перформанс во Кабаре Клуб „Голд Фелиција“, се запознаа со македонската традиционална поезија, носии, музика и танци, и го доживеаја живиот младински дух и ноќен живот на градот.

Финалната евалуација покажа исклучително високо ниво на задоволство:

  • 100% од учесниците изразија високо задоволство од обуката,
  • и силно чувство дека активно придонеле кон создавање нови, значајни алатки и пристапи за работа со млади и семејства.

ЦЕФЕ Македонија е исклучително благодарна на сите партнери и учесници за нивната посветеност, експертиза и инспирација. Со оваа обука успешно е поставен темелот за понатамошниот развој на проектот Family Matters.