Креирање на способни обучувачи за негователи на стари лица и лица со попречености

Во периодот декември 2021 до август 2023 година, соработувавме со Црвениот Крст на Македонија за да ги зајакнеме капацитетите на обучувачите во нивните општински центри низ државата.

Во текот на долгорочната соработка се спроведоа 10 обуки за обучивачи во градовите: Скопје, Куманово, Битола,  Кичево, Струга, Штип, Велес, Гостивар, Струмица и Дебар.

Обуките имаа за цел да ги подобрат вештините на едукаторите кои обучуваат негователи како да препознаат потреби за обучување, како да дизајнираат и подготват обука, како да ја реализираат со возрасни лица и како да ја оценат обуката за да направат препораки за следна обука.

Дополнителна цел на обуките беше обучувачите да се запознаат со циклусот на искуствено учење во подготовката на способни негователи низ државата.

Со оваа соработка индиректно влијаеме на квалитетот на негата и заштитата на старите лица и лицата со попреченост во нашата држава.

Во сите центри обуките траеја по 20 часа и се обучија вкупно 64 обучувачи, кои се стекнаа со сертификат за обучувачи од ЦЕФЕ Македонија. Учесниците беа од различни профили, но најчесто: доктори, медицински сестри, психолози, социјални работници, координатори и младински работници.

Обуките беа оценети со вкупно задволство од 97%, а повратната информација и коментарите на учесниците ни ја оправдуваат нашата мисија во креирање на компетентни општества:

  • Топло ја препорачувам обуката на сите и нови и постари предавачи (Радмила)
  • Прекрсана обука во која беа исполнети сите мои очекувања.
  • Топло ја препорачувам обуката и да ја следат, по можност, со физичко присуство зошто техниката може да затаи
  • Вреди многу да се посети обуката
  • Треба секој што има можност обавезно да присуствува на вакви обуки
  • Убаво искуство и учење преку пракса, во групи, со активно учество на сите учесници
  • Многу битна обука, во која што постојано треба да има нови учесници
  • Вреди секој поминат час на обуката
  • Позитивно лично искуство од учество на обуката за обучувачи. Исполнети ми се сите очекувања како нов обучвуач.
  • Внимателно да се следи обуката има мнооогу да се научи
  • ЗАДОЛЖИТЕЛНО присуство
  • Многу корисна обука и одличен обучувач од кој може многу да се научи
  • Корисна обука која би ја препорачала на колеги

Обуките беа организирани од локалните центри на Црвениот Крст во градовите во кои се одвиваа, а финансиската поддршка е обезбедена од Австриското Министерство за социјална работа, Австриската Агенција за развој и Австрискиот Црвен Крст преку проектите: „Ублажување на ефектите и последиците од Ковид 19 врз најранливите во општеството, со фокус на постарите“, и проектот „КОНЕКС БАЛКАН – Ковид-19 Одговор за подобрување на социо-економската ситуација на маргинилизираните лица од 6 држави во Западен Балкан“