Зоран Витанов: ИДНИНАТА Е ВО ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО

На почеток на 2017 година, деловниот магазин „Економија и Бизнис“ направи мега интервју со човекот кој што е меѓу најзаслужните што ЦЕФЕ Методологијата за креирање на претприемачи успешно се негува во Македонија. Зоран Витанов е еден од основачите на ЦЕФЕ Македонија.

Во оваа објава ви го пренесуваме делот од интервјуто каде што зборува за ЦЕФЕ Македонија и ЦЕФЕ Методологијата. За да се прочита целосното интервју, а верувајте дека не сакате да го прескокнете, кликнете на официјалната страна на Економија и Бизнис,.

Влеговте во претприемничките води и мошне сте активен во неколку области. Да започнеме со ЦЕФЕ. Реализирате обуки со користење на светски позната методологија што се применува во повеќе од 80 земји. Објаснете ни за што поточно станува збор и од каде доаѓа големата популарност на методологијата.

З. Витанов: Јас сум голем должник на ЦЕФЕ како методологија. Мојот живот ја доживеа првата метаморфоза во далечната 1997 година кога присуствував на првата ЦЕФЕ-обука на Балканот. До таа мера сум благодарен на моите ЦЕФЕ-обучувачи, особено на претседателот на ЦЕФЕ Интернационал Еберхард Баренц, што не можам, а да не го споменам.
Да не беше ЦЕФЕ, јас немаше да влезам во претприемничките води. ЦЕФЕ е кратенка од „креирање претпријатија преку оформување претприемачи“. Тоа е германска методологија за „производство“ на претприемачи, развиена во доцните осумдесетти години од минатиот век од страна на Министерството за развој на Германија, во која учествувале експерти од областа на психологијата и на економијата. Тогашната Влада на Германија го предвидела распадот на Источниот блок, па со цел да им се помогне на населението, пред сѐ од Источна Германија, почнале со развивање на методологија за обука на претприемачи со цел луѓето поподготвено да влезат во економија базирана на конкурентност каде што претприемничките вештини се од суштинска важност.
Денес, по 20 години, ЦЕФЕ Македонија е една од водечките членки во ЦЕФЕ Интернационал. Преку нас се развива ЦЕФЕ на Балканот, наши експерти обучуваат претприемачи, но и нови ЦЕФЕ-обучувачи на сите континенти. Со гордост можам да кажам дека во моментов се при крај преговорите за стратешка соработка со Министерството за образование на Јамајка каде што во наставната програма на „голема“ врата се очекува да влезе и изучувањето на претприемништвото. Главниот курикулум е доверен да го изработи токму ЦЕФЕ Македонија за што веќе во март следува посета на Јамајка. Ништо помалку не е значајна и соработката со Агенцијата за развој на претприемништвото на Чиле! Во август обучивме и нови ЦЕФЕ-обучувачи во Филипини, во Германија… Новиот подмладен тим на ЦЕФЕ Македонија со сигурност ќе постигне резултати со кои сите ние ќе се гордееме!
Популарноста на методата доаѓа оттаму што преку неа се успева да се разбере економијата наместо да се научи. Успеавме економијата да ја објасниме „во круши и јаболка“. Таа веќе не е апстрактна теорија. Ние не произведуваме теоретичари, туку претприемачи со соодветни вештини кои ги правиме поконкурентни на пазарот. Кај нас предавањата се сведени на минимум. Ние немаме ученици, туку учесници. Разликата е во една буква „с“ која суштински ги менува работите. Кога имате учесници тие работат во симулирани ситуации, активни се и учат додека работат. Нашата улога е сменета, па наместо професори и предавачи ние сме само олеснувачи во процесот на учење, а низ искуството учесниците сами доаѓаат до заклучоците. Наместо да ги „тераме“ да научуваат, ние им олеснуваме да разберат.

Со ЦЕФЕ организирате разни обуки, вклучително и обука за вработување и напредок во кариерата за младите, обуки од отворен тип за бизнис-вештини итн. За кои обуки постои најголем интерес, како се реализираат тие?

З. Витанов: Од досегашното искуство, најголем интерес има кај луѓето со лични амбиции, кај оние кои се стремат кон натпросечен успех во животот, без оглед на нивната возраст, пол, религија и образование. Ние како да сме створени за сите кои бегаат од просечноста, имаат амбиции за личен развој, но не знаат како да го направат тој крупен исчекор во животот. Тие се обично неколкудневни обуки, се реализираат со групи не поголеми од 24 луѓе заради запазување на групната динамика и за да можеме на секој поединечно да му влијаеме за полесно совладување на вештините и на знаењата.

Целосното интервју кое го водеше Зоран Јовановски прочитајте го на линкот Економија и Бизнис

Содржината и фотографиите се превземени со претходна согласност од уредниците на магазинот.