Јакнење на соработката со стручните училишта во Македонија

На 12.03.2024 година, здружението на граѓани ЦЕФЕ Македонија, претставувано од претседателот г-ин Јован Сталевски и Средното Општинско Училиште „Коле Нехтенин“ од Штип, претставувано од директорката г-ѓа Јованка Шалева, потпишаа документ за разбирање и соработка.

Двете организации се договорија да соработуваат во зајакнење на капацитетите на стручното образование и соработка меѓу професорите на СОУ Коле Нехтенин и обучувачите на ЦЕФЕ Македонија, со цел креирање на поквалитетно образование, отворање на нови можности за учењ, искуствени методи на учење и нови пријателства за учениците и младите од Македонија и Европа. 

Моментално соработуваме на проектот „Финансиска писменост за млади претприемачи“ кој е поддржан од Американската Амбасада во Скопје. 

На 05 и 06 март 2024 во стручното училиште се одржа обука за финансиска едукација преку Микро Бизнис Игри, на која учествуваа 15 учесници и се здобија со вештини и знаења за финансискиот менаџмент и водење на микро бизнис. 

Обуката ја водеа професорките Вилма Илиевска и Жаклина Атова, кои се обучувачки во овој проект и учествуваа на обука за обучувачи за микро бизнис игрите во Декември 2023 во Струга.

Во училиштето на угостителската струка има околу 100 ученици од целиот регион (Штип, Пробиштип, Св. Николе, Берово, Виница) и беше разговорано да им се претстават резултатите од проектот ВИРТУАЛ, каде преку виртуелни технологии учениците и професорите може да ги подобрат методите на пракса и учење. Исто така за учениците од електротехничката, машинската и угостителската струка се предвидени обуки за претприемачки компетенции преку соработка на Еразмус+ проекти.

СОУ “Коле Нехтенин” своите корени ги влече уште од пред Втората светска војна, од т.н. занаетчиско училиште што постоело во тоа време во Штип. Денес има околу 800 ученици од електро-техничка, машинска и угостителско-туристичка струка, кои организирани во 28 паралелки од четиригодишно и тригодишно образование го изучуваат своето занимање, стекнуваат знаења, вештини и умеења во широка и пространа училишна зграда составена од 14 училници, 9 кабинети, спортска сала, машинска работилница и административни простории. Наставниот и останатиот персонал со своето знаење, искуство и пристапност во голема мерка даваат придонес за одвивање на квалитетна и успешна настава. За целосни информации ве покануваме да прочитате на нивната веб страна.