Самонасоченото учење има моќ да ги вклучи младите во доживотна едукација

Од 01 до 08 април 2024 година, во Измит, Турција, тимот на ЦЕФЕ Македонија учествуваше на тренинг за тренери кои ќе користат принципи и алатки на менторство и самонасочено учење (СДЛ) за млади кои не се во образование а ниту вработени (НЕЕТ).

Валентина Тодороска, Маја Давкова, Борјан Исајловски, Елена Гагачева и Јован Сталевски, во 2023 и 2024 година работеа на Еразмус+ проект за „Самостојно учење за невработени млади“ и беа вклучени во активности кои дадоа резултати и алатки за работа со младите кои не се во образование а ниту вработени. 

Тренингот во Измит, имаше за цел да изгради капацитети кај менторите и социјалните работници да можат да обучуваат други претставници на организации кои работат со млади кои не се вработени ниту во едукација, и да им го пренесат методот на интервенција и алатките кои беа креирани во проектот.

Обучувачи на тренингот беа г-ѓа Керли Коив, истражувач и академик на универзитетот во Тарту, Естонија , г-ин Мустафа Ердоган, од Центарот за искуствено учење од Истанбул и Јован Сталевски, мастер обучувач од ЦЕФЕ Македонија.

Во периодот октомври – декември 2023, тимот на проектот, менторираше 10 млади лица од Македонија во поставување на нивните професионални и животни цели, осознавање на нивните методи и стилови на учење како и поттикнување за совладување на проблеми и препреки. Во декември 2023, во Струга, одржаа камп за себенасочено учење за 40 млади од Естонија, Малта, Турција и Македонија, каде што младите можеа да споделат искуства и да се споредат во нивните достигнувања, стилови и однесувања кон учењето. Во јануари и март 2024 менторите продолжија да работат со младите, а резултатите што се постигнаа се:  40% од нив се вработија, 80% пристапија кон едукативни активности од неформално или формално образование и секако вмрежувањето и долгорочното дружење кое го стекнаа со пријателите од другите земји.

Следно каде што ќе се промовира овој метод на самонасочено учење за млади е во Св. Николе, во локалното училиште во Ерџелија, каде Маја Давкова ќе промовира до наставниот кадар, и на завршен настан за мултипликација на резултатите во Скопје на средина на јуни 2024 година.

Сите заинтересирани за настаните, како и за методите за работа со младите кои не се вработени и не се во едукација може да не контактираат на info@cefe.mk и t.valentina23@gmail.com