Интервју за Блумберг Адриа – Како до добар бизнис план?

Им благодариме на Блумберг Адриа за препознавањето на важноста на бизнис планирањето при основање и водење на еден успешен бизнис. Повелете дел од разговорот во текстуална верзија.

Што е целта на програмата за самовработување и советување за бизнис план?

Целта е да им се дадат на потенцијалните претприемачи советодавни услуги за изработка на бизнис план. Поинаку кажано е, заеднички да ги истражиме и најдобро прикажеме можностите и ризиците од одредена бизнис идеја. Програмата официјално ја спроведуваат АППРМ, АВРМ, УНДП и сите советници и советодавни правни тела (како ЦЕФЕ Македонија).

Кој може да добие поддршка?

  • Потенцијални претприемачи – невработени, регистрирани во агенцијата за вработување
  • Постоечки МСП со потреба за советување во подобрување на производ, иновација, процеси, менаџмент финансии, планирање, извоз, сметководство, итн…

Каков тип на бизнис идеи или претприемачи се пријавуваат на програмата?

Точна и официјална бројка немам, но според нашите увиди од ЦЕФЕ Македонија, од изработени над 300 бизнис планови од 2015 до сега, и  според нашиот делокруг на работење, може да кажеме за Пелагонискиот дел од републиката, бидејќи 90% од клиентите се од Битола, Прилеп, Демир Хисар, Ресен, Крушено, итн…во оваа програма околу 50% од бизнисите се формализирање на веќе постоечки бизниси кои до сега работеле како фриленсери, или тестирање на идејата, или добивање на искуство и пробивање на пазарот (биле во сивата економија), а останатите 50% се трговија, јакнење на семејни бизниси, услуги и креативни индустрии.. 

Еве неколку примери: 

  • забележавме дека после ковид пандемијата имаше зголемен пораст на отворање (или реотварање) на угостителкси објекти, но со подобрени услуги како достава, онлајн нарачки, онлајн комуникација со клиенти, онлајн плаќања итн…
  • Или поради недостик на услуги од занаетчиството и значителниот пораст на цените за тие услуги (молери, електричари, водоводџии, плочкари, дрвопреработувачи..) значително се охрабрја многу од нив кои работеа како физички лица.
  • Интересно е да се спомене и дека имаме тренд и за отворање на бизниси од кративните индустрии од страна на млади лица: програмери, фотографи, дизајнери, маркетери…) и сите тие го гледаат светот како потенцијален пазар, не само Македонија, но избрале во нашата држава да плаќаат даноци. 
  • И секако се зголеми и интересот на бизниси од областа на трговијата, бидејќи последните неколку години, пргорамта дозволи набавка и на трговски стоки за натамошна препродажба. Бидејќи порано средствата од грантот може да се искористат само за набавка на нова опрема и материјали за доработка – репроматеријали.

Според мене, оваа програма е доста успешна во три сегменти:

  1. Формализирање на бизнисот и давање реална слика колку време и колкава бројка од бизнисите им треба за да ја препознаат потребата од официјализирање на бизнис процесите. 
  2. Одлична основа за поддршка и креирање на нови семејни бизниси, бидејќи повеќето од дополнителните нови вработувања што се предвидуваат со бизнисите, повеќе од 80% планираат вработување на своите сопружници, или деца или поблиска фамилија во развојот на бизнисот. 
  3. Поттикнување на младите креативци да отпочнат свој бизнис во државата

Поттикнување на младите креативци да отпочнат свој бизнис во државата.

Што е потребно за добар бизнис план?

Реално, многу од клинтите го гледаат бизнис планот како парче хартија, или документ кој им служи за добивање на финансиските средства од 5 или 10 илјади евра. 

Но откако ќе ја поминеме фазата на бизнис планирање, претпримачите увидуваат дека бизнис планот не е само добар за нив, туку им наоѓа употреба и за претставување на бизнисот на своите вработени, добавувачи, банкари, клиенти, итн… т.е им дава информации за планирање и предвидување.

Друг аспект е дека увидуваат дека досегашната математика на работење и финансии не им излегува кога ќе се додадат и аспектите на легално водење на бизнис, па мораат да размислат како ќе ги зголемат приходите или намалат трошоците.

И самиот наслов кажува план…а за да заврши успешно која и да е работа е потребен план. И најважно претприемачите учат дека истражувањето, предвидувањето и планирањето си бара одредено време. Или сфаќаат дека 80% од некоја работа треба да ја поминат во планирање а само 20% во успешна реализација.

Што е ЦЕФЕ Македонија и кои се неговите членови?

ЦЕФЕ Македонија е здружение на професионални обучувачи и консултанти формирано во далечната 1997 година а регистрирано како непрофитна организација во 2008 година.  Визијата е македонското општество да биде водено од претприемачи и  работните места да бидат креирани од способни претприемачи, и најмалку од популистички политички мерки.

Нашите членови се обучувачи кои ја прифатиле и употребуваат ЦЕФЕ Методологијата за креирање на компетентни претприемачи. Експерти во области како бизнис, едукација, трговија, граѓанско општество, иновации, проектен менаџмент и др.

Од 2015 година соработуваме со Агенцијата за Поддршка на Претприемништвото  на РС Македонија,  Агенцијата за Вработување на  Р С Македонија и УНДП во Македонија при реализација на програмите за самовработување со грант од 5 до 10 илјади евра.

Наш предлог од советниците од ЦЕФЕ Македонија, за развој на програмата е системско следење на новоснованите бизниси во првите 3 години и давање дополнителна поддршка во зависност од потребите  (дигитализација, наоѓање нови пазари, обуки за менаџмент вештини…).

Напишано од: Јован Сталевски, економист, обучувач за претприемнички компетенции според Германската ЦЕФЕ Методологија. Претседател на ЦЕФЕ Македонија и основач на ЦЕФЕ Едукација и Тренинг ДООЕЛ.