Вести

Вести

Кои се “купувачите” на вашите проектни предлози? – Евалуаторите!

Во петок, 26.06.2020 од 19.00 до 20.30 ч, ЦЕФЕ Македонија организира ЗООМ сесија со двајца евалуатори на Еразмус+ проекти: Александра Глигорович од Црна Гора и Волкан Мудерисоглу  од Турција. Секој од избраните евалуатори има преку 15 години придонес во граѓанскиот сектор. Со искуство како проектни менаџери, евалуатори на проекти, едукатори, младински работници и лидери! Целта на сесијата е јакнење на ЦЕФЕ центрите во Македонија со информативни совети, што треба, а што не треба да се пишува во проектните предлози за да бидат грантирани. Гостите говорници, на почеток ќе имаат мала презентација од 20 минути и после тоа околу 30 – 40 минути прашања и одговори достапни за вас. За да се пријавите на сесијата ве молиме пополнете ја електронската форма, најдоцна до петок до 12 часот. Прашања и коментари достапни на info@cefe.mk Сесијата се организира во рамки на проектот “Креирање на претприемачки центри во Источна Македонија”, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, Македонија.

Вести

Успешно реализирана онлајн обука за планирање проекти и пишување проектна апликација

Во периодот од 01-12 јуни, успешно беше реализирана Обуката за планирање и пишување на проектна апликација која што беше организрана од страна на ЦЕФЕ Македонија во рамки на проектот „Креирање на регионални центри за претприемништво во Источна Македонија“ поддржан од Амбасадата на САД во Македонија. На оваа обука учесниците беа водени низ процесот како својата идеја да ја претворат во успешна проектна апликација за добивање на грант. Притоа учесниците имаа можност и практично да ги применат сите точки од процесот на креирање на проектна апликација преку примена на пристапот на логичка рамка. На онлајн обуката учествуваа претставници и соработници на ЦЕФЕ Македонија, а фасилитатор на сесиите беше Јован Сталевски, претседател на ЦЕФЕ Македонија, автор и ко-креатор на голем број национални и интернационални проекти. Во текот на целата обука беа опфатени шест модули и на секој од нив се обработуваше по едно видео предавање од обучувачката Сунчица Саздовска од ГРЦ – Граѓански Ресурсен Центар. Учесниците се стекнаа со знаење кое што ќе може да го применат на следните отворени повици на кои што ќе имаат можност да конкурираат со конкретен проект.

Вести

Како методологијата на ЦЕФЕ влијае врз бизнисот и вработеноста ширум светот?

ЦЕФЕ методологијата е создадена со цел да ги развива и подобрува бизнис компетенциите, менаџерските и личните компетенции кај различни видови целни групи (претприемачи, менаџери, едукатори, студенти, невработени … се до бегалци, земјоделци, затвореници, лица во незавидна позиција и други). Главно придонесува кон економски развој преку поттикнување на зголемување на приходи и нови вработувања. Уште од своето создавање, ЦЕФЕ методологијата покажа дека има големо влијание врз бизнисот, генерирањето на вработеноста и во задоволувањето на животните потреби на луѓето ширум светот. Интересни факти: Во 1994 година, Федералното Министерство за економска соработка и развој (BMZ) ја разви првата глобална проценка за методата на ЦЕФЕ и утврдено е дека, во просек, се создадени 4,5 работни места по учесник после обуката на ЦЕФЕ. Во 2003 година, членовите на ЦЕФЕ мрежата во Виетнам спроведоа студија за влијанието на методологијата. Податоците покажуваат дека, во просек, 20 работни места по стартап биле создадени по обуката на ЦЕФЕ. Во 2012 година, мастер обучувачи од Руанда сфатиле дека по обуката на ЦЕФЕ, 1043 луѓе решиле да започнат со стартап, генерирајќи 931 дополнителни работни места. Во 2019 година, со поддршка на својата мрежа низ целиот свет, ЦЕФЕ Интернационал спореведе глобално истражување за влијанието на ЦЕФЕ методологијата ширум светот. Ова истражување се заснова на 459 испитаници од 15 држави кои сите присуствувале на обука на ЦЕФЕ, во просек пред 2 години. Резултатите од студијата покажуваат дека ЦЕФЕ е ефикасен метод за промовирање на самовработување, стартапи, создавање работни места, деловни активности и раст на приходите. Клучни факти од студијата на ЦЕФЕ Интернационал за импактот на ЦЕФЕ методологијата: ЦЕФЕ придонесе за намалување на стапката на невработеност од 40,5% пред обуката на ЦЕФЕ на 8,7% по обуката на ЦЕФЕ. Покрај тоа, ЦЕФЕ исто така придонесе за создавање дополнителни работни места. Програмите за обука на ЦЕФЕ го поттикнаа создавањето на бизнисите. 44,9% од учесниците на ЦЕФЕ обука започнале сопствен бизнис по обуката на ЦЕФЕ. ЦЕФЕ има влијание врз растот на стартапите (во однос на креираните дополнителни работни места и големината и растот на приходите). Во своето 30 годишно искуство, мрежата на ЦЕФЕ придонесе во задоволување на животните потреби на 42,5 милиони луѓе ширум светот.

Вести

Повик за учество на онлајн обука за планирање проекти и пишување проектна апликација

Обука 1 Јуни – 12 Јуни 2020  Во рамки на проектот „Креирање на регионални центри за претприемништво во Источна Македонија“, ЦЕФЕ Македонија организира онлајн обука за планирање проекти и пишување проектна апликација. Обуката е произведена и реализирана од страна на обучувачката Сунчица Саздовска од ГРЦ – Граѓански Ресурсен Центар, а фасилитатор на сесиите организирани од ЦЕФЕ Македонија ќе биде Јован Сталевски, автор и ко-креатор на многубројни национални и интернационални проекти. Обуката е дизајнирана да научите како да ја развиете вашата идеја во проектна апликација. Постапно ќе поминете низ сите точки на една вообичаена апликација за добивање грант, и ќе бидете поттикнати аналитички да пристапувате на повиците. Ќе ги разберете подобро критериумите за оценка и ќе утврдите на што да посветите повеќе внимание при пишување на апликацијата. Стекнатото знаење од обуката можете да го примените веднаш по нејзиното завршување и да конкурирате на првиот следен отворен повик. Што ќе научиш преку онлајн обуката? Да составиш успешна проектна апликација за добивање грант Да ја развиеш проектната идеја Да го употребиш пристапот на логичка рамка Да планираш индикатори за проверка на успехот на проектот Покрај ова во обуката ќе бидат вклучени и следниве сесии: Дискусии и споделување на практични примери после секој модул Практична примена на пишување на проект на тема економски развој, со активно учество на новите ЦЕФЕ центри. Поврзување на знаењето со Еразмус плус програмата, конкретно клучните акции КА 1 и КА 3. За кого е наменета оваа обука? Обуката е наменета за претставници и соработници на ЦЕФЕ центрите во Македонија. Потребни предзнаења За учество во оваа обука не се потребни предзнаења Работен јазик : Македонски Времетраење и методологија на обуката: Обуката ќе се реализира во 6 делови (модули), при што секој модул ќе трае по 3 часа. На секој модул ќе се обработува по едно видео предавање од обучувачката Сунчица Саздовска. По завршувањето на секое видео, следи фасилитација на знаењата, квизови, работа на сопствени идеи и примери од практика. Вкупното времетраење на целата обука е 18 часа, распоредени во 6 дена. Секој учесник ќе добие материјали и примери за работа произведени од ГРЦ и ЦЕФЕ Македонија. Обуката ќе биде сертифицирана од страна на ЦЕФЕ Македонија. Пријавување и потврда на учество За да аплицирате на обуката ве молам пополнете ја онлајн апликацијата на следниот линк. Краен рок за аплицирање: 31.05.2020 Организатор: ЦЕФЕ Македонија (www.cefe.mk) Информации за обуката: Благој Трајков Тел: +389 71 324 959 E-Mail:  blagoj.t@cefe.mk Јован Сталевски Тел:+389  78 437 267 E-Mail: j.stalevski@cefe.mk

Вести

Иновативноста и претприемништвото се клучни за секој бизнис

ЦЕФЕ Македонија и Ино Тех Клуб потпишаа Mеморандум за соработка. Целта на документот е преку взаемна соработка двете организации да иницираат активности кои ќе поттикнуваат претприемнички иницијативи во земјава, како и интерeс за наука, технологија и иновации. Зголемување на свесноста за значењето на науката, технологијата и иновациите е целта која сака да ја постигне InnoTech Club, која е платформа поддржана од Владата на САД, преку Alumni Innovation Engagement. Основната мисија на InnoTech Club е презентирање пред младите на важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактори за идниот економски раст и развој на земјата. Целта на InnoTech Club е да ги инспирира младите, заради што во текот на следните месеци ќе организираме Inno Cafe настани, во Скопје, Тетово, Битола и Штип и други градови. На овие настани младите ќе се мотивираат и поврзуваат преку дружење и презентации на иновативни, научни и технолошки успешни проекти кои ги прават поединци или компании и институции во нашата земја. Сметаме дека е вистинско време за вакви активности особено ако се земе предвид фактот дека имаме негативен тренд на индустријализација. Учеството на индустријата во БДП падна од 32% во 1992 г. на 15% во 2016 г. што негативно се одразува врз целата економија“, вели Игор Јорданов, универзитетски професор и лидер на InnoTech Club платформата. Од друга страна се соочуваме со неколку клучни проблеми за тој економски раст, а еден од нив е ниското ниво на претприемачки вештини и култура кај населението. ЦЕФЕ Македонија веќе активно работи на креирање на економии засновани на компетентност, преку проектот „Креирање на регионални центри за претприемништво во Источна Македонија“ поддржан од Амбасадата на САД во Македонија. Проектот има за цел да развива компетенции кај потенцијални и постоечки претприемачи кои ќе креираат нова вредност во нашата држава. Токму овој меморандум е доказ за заедничката мисија на двете организации, а преку него и полесно имплементирање на целите и активностите кои се од клучно значење за нашата економија и младите. “Претприемачите иновираат. Тие ја согледуваат секоја промена како можност за различен бизнис или како различна услуга базирана на нешто иновативно. Земете ја како пример ситуацијата на изолираност заради корона вирусот во светот. Претприемчивите луѓе веднаш понудија нови услуги на пазарот. Пример: промотивни пакети од доставувачите на храна до дома, онлајн едукативни содржини, зголемена понуда на книги и серии за домашна забава, комични дизајни и слично. Важноста на овој меморандум за нас е голема пред сè бидејќи со InnoTech Club начнавме нов почеток на заеднички активности со цел подигање на претприемачкиот дух и свесноста за иновациите кај младите.” – изјави Јован Сталевски, претседател на ЦЕФЕ Македонија. За сите заинтересирани за активностите ве покануваме да ги следите нашите веб страни и социјални медиуми и да се видиме на некоја од обуките за бизнис вештини во Источна Македонија http://bit.ly/2W4pcKx

Вести

Претприемништвото ги поврза Економскиот факултет од Штип и ЦЕФЕ Македонија

На 25 февруари 2020 година, ЦЕФЕ Македонија потпиша меморандум за соработка со Економскиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Целта на документот е взаемна соработка во остварувањето на визијата за креирање на локални и регионални економии засновани на компетенции и водени од претприемчиви личности. Овој меморандум се потпишува во рамките на проектот “Креирање на регионални центри за претприемништво во Источна Македонија”, а начелната соработка меѓу претставниците од двете институции започна на обука за обучувачи по претприемништво, која се одржа во февруари 2020 во Штип. Како што изјави деканката на Економскиот факултет, Проф. Д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска, овој меморандум ќе претставува рамка во која се дефинирани сите активности за соработката која ќе се заснова на искористување на научниот потенцијал, истражувачките, просторните капацитети на двете страни во насока на унапредување на едукативните и научните проекти. Периодот кој што ни следува ќе го искористиме за организрање на обуки за претприемништво преку кои ќе го зголемиме претприемачкиот дух и претприемничките вештини кај студентите. Се надеваме дека токму преку овие активности ќе дадеме придонес на претприемништвото во Источна Македонија – изјави деканката на Економскиот факултет, Проф. Д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска. Многу е важно дека ние се најдовме на иста фреквенција со професорите од факултетот за тоа што сакаме да го дадеме како вредност на студентите. Тоа е еден искуствен начин на работа, но и една култура на претприемништво. Ние ќе им помогнеме да гледаат можности и тие можности да ги претворат во вредност за општеството – изјави претседателот на ЦЕФЕ Македонија Јован Сталевски. Сакаме да изразиме уште еднаш голема благодарност до Американската Амбасада во Скопје што ја препозна нашата идеја и визија и финансиски ја помогна оваа соработка која што произлезе од проектот “Креирање на регионални центри за претприемништво во Источна Македонија”. Преку овој проект ќе креираме нови ЦЕФЕ центри во Штип и во Струмица со кои студентите ќе имаат можност да соработуваат во развој на нивните идеи.