Во периодот од 23 до 25 април 2026 година, во просториите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, успешно се реализираше тридневната Меѓународна стартап академија HYPE 2.0, која обедини 40 средношколци од Македонија и Бугарија во заедничка работа на развој на иновативни бизнис идеи.
Академијата беше организирана од American Corner Штип, во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија, како главен поддржувач на настанот. Настанот претставува значајна платформа за поттикнување на младинското претприемништво, иновациите и регионалната соработка.
ЦЕФЕ Македонија беше официјален партнер и програмски провајдер на Академијата, одговорен за имплементација на ЦЕФЕ методологијата и водење на целиот процес на развој на бизнис идеи. Обуката ја реализираа сертифицираните ЦЕФЕ обучувачи Елена Гагачева, Весна Ефремова и професорката при Економски факултет при УГД Штип Тамара Јованов, кои ги водеа учесниците низ интерактивен процес базиран на искуствено учење.
Во текот на трите дена, учесниците поминаа низ структуриран програмски процес:
Ден 1 – Идеја и основи: генерирање и селекција на бизнис идеи, SWOT анализа и дефинирање цели
Ден 2 – Развој: маркетинг стратегии (5P), сегментација, финансиско планирање и развој на бизнис модел
Ден 3 – Pitch & натпревар: подготовка на презентации и финален натпревар
Преку ЦЕФЕ пристапот, учесниците не учеа само теорија, туку работеа во симулации на реални бизнис ситуации, носеа одлуки, тестираа идеи и развиваа претприемачки начин на размислување.
Наградени бизнис идеи:
- Прво место: Clean Sheets – ученички од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани
- Второ место: Smart Bites – ученици од гимназија „Орце Николов“ – Скопје
- Трето место: Dormify – ученици од Математичката гимназија – Благоевград
HYPE 2.0 уште еднаш покажа дека кога младите добиваат вистинска поддршка, менторство и практичен пристап, тие имаат капацитет да создадат иновативни и одржливи бизнис решенија.
ЦЕФЕ Македонија останува посветена на развојот на младинското претприемништво и создавање на нова генерација млади лидери и креатори на вредност.



































































