Финансиска писменост за сите – чекор кон поголема самостојност

Сподели

ЦЕФЕ Македонија разви инклузивна програма за финансиска писменост наменета за неуродивергентни лица и лица со попречености, со цел да ги зајакне нивните способности за самостојно и сигурно функционирање во секојдневниот живот.

Програмата беше успешно пилотирана во периодот февруари – март од страна на специјални едукатори во неколку институции во Македонија:

  • Дневен центар за социјална грижа – Битола
  • ЦПЛИП „Порака“ – Битола
  • ОУ „Коле Канински“ – Битола
  • ОУ со ресурсен центар „Кочо Рацин“ – Битола
  • Центар за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ – Скопје

Во пилот фазата беа опфатени 46 деца, млади и возрасни, и околу 30 наставници и стручни лица.

Резултатите од имплементацијата покажуваат значаен позитивен ефект:

  • Учесниците развија подобро разбирање на разликата помеѓу потреби и желби
  • Донесуваат поодговорни финансиски одлуки
  • Стекнуваат практични вештини како буџетирање, плаќање и пресметување кусур
  • Забележано е зголемување на самодовербата, мотивацијата и активното учество

Особено значајно е што дел од учесниците за првпат беа вклучени во процес на донесување финансиски одлуки, што претставува важен чекор кон нивна поголема независност.

Целта на програмата е да придонесе кон:

  • поголема самостојност кај неуродивергентните млади и возрасни
  • подобро управување со лични финансии
  • намалување на ризикот од финансиски измами

Во ноември изминатата година, ЦЕФЕ Македонија спроведе тренинг за специјални едукатори од овие земји, кои потоа ја спроведуваа пилот програмата во своите заедници.Оваа програма е развиена во рамки на проектот „BeyondDigits: Co-productive Financial Education“, во партнерство со организации од Грција, Малта, Белгија, Австрија и Литванија, поддржана од програмата Ерасмус+ на Европска Унија.

ЦЕФЕ Македонија е посветена на развој на иновативни образовни програми кои ги подобруваат вештините на учесниците, со цел да се зголеми независноста, вработливоста и успешноста во секој аспект на нивните животи.