ЦЕФЕ Македонија разви инклузивна програма за финансиска писменост наменета за неуродивергентни лица и лица со попречености, со цел да ги зајакне нивните способности за самостојно и сигурно функционирање во секојдневниот живот.
Програмата беше успешно пилотирана во периодот февруари – март од страна на специјални едукатори во неколку институции во Македонија:
- Дневен центар за социјална грижа – Битола
- ЦПЛИП „Порака“ – Битола
- ОУ „Коле Канински“ – Битола
- ОУ со ресурсен центар „Кочо Рацин“ – Битола
- Центар за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ – Скопје
Во пилот фазата беа опфатени 46 деца, млади и возрасни, и околу 30 наставници и стручни лица.
Резултатите од имплементацијата покажуваат значаен позитивен ефект:
- Учесниците развија подобро разбирање на разликата помеѓу потреби и желби
- Донесуваат поодговорни финансиски одлуки
- Стекнуваат практични вештини како буџетирање, плаќање и пресметување кусур
- Забележано е зголемување на самодовербата, мотивацијата и активното учество
Особено значајно е што дел од учесниците за првпат беа вклучени во процес на донесување финансиски одлуки, што претставува важен чекор кон нивна поголема независност.
Целта на програмата е да придонесе кон:
- поголема самостојност кај неуродивергентните млади и возрасни
- подобро управување со лични финансии
- намалување на ризикот од финансиски измами
Во ноември изминатата година, ЦЕФЕ Македонија спроведе тренинг за специјални едукатори од овие земји, кои потоа ја спроведуваа пилот програмата во своите заедници.Оваа програма е развиена во рамки на проектот „BeyondDigits: Co-productive Financial Education“, во партнерство со организации од Грција, Малта, Белгија, Австрија и Литванија, поддржана од програмата Ерасмус+ на Европска Унија.
ЦЕФЕ Македонија е посветена на развој на иновативни образовни програми кои ги подобруваат вештините на учесниците, со цел да се зголеми независноста, вработливоста и успешноста во секој аспект на нивните животи.











