Официјално потпишување на соработка со Гимназија „Јосип Броз – Тито“ Битола

На ден 26.01.2024 година, здружението на граѓани ЦЕФЕ Македонија и Средното Општинско Училиште Гимназија „Јосип Броз – Тито“ од Битола, потпишаа документ за разбирање и соработка.

Двете организации се договорија да соработуваат во јакнење на своите капацитети и соработка меѓу професорите на Гимназијата и обучувачите на ЦЕФЕ Македонија, со цел креирање на поквалитетно образование, можности за учење на нови теми, нови методи на учење и нови пријателства за учениците и младите од Македонија. 

Моментално соработуваме на проектот „Финансиска писменост за млади претприемачи“ кој е поддржан од Американската Амбасада во Скопје. На 25 и 26 јануари 2024 во Гимназијата се одржа обука за финансиска едукација преку Микро Бизнис Игри, на која учествуваа 15 учесници и се здобија со вештини и знаења за финансискиот менаџмент и водење на микро бизнис. 

Обуката ја водеше професорката Фанија Наумовска, која е обучувач во овој проект и учествуваше на обука за обучувачи за микро бизнис игрите во Декември 2023 во Струга.

Планирано е во текот на 20244 година да се направат уште 2 обуки за финансиска писменост преку микро бизнис игри, бидејќи учениците изразија голема заинтересираност и има побарување од страна на нивните врсници.

Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ Битола е една од најстарите, најреномираните и најквалитетни средни училишта во Македонија. Денешната гимназија „Јосип Броз – Тито“, започнала да работи во 1892 година и тоа како нижа гимназија. Зградата во која се отвора гимназијата му припаѓала на богатиот битолски бег Сали паша. Историјата на институцијата е импресивна и важна за нашата држава бидејќи произвела значајни личности како академици на МАНУ, градоначалници, амбасадори, политичари и бројни лидери. За целосниот историјат ве покануваме да прочитате на нивната веб страна.