Во периодот од 04 до 08 ноември 2024 година, ЦЕФЕ Македонија, заедно со ученици од партнерските училишта, учествуваше во мобилноста во рамките на проектот ВИРТУАЛ (Јакнење на дуалното образование во туристичкиот сектор преку виртуелна и проширена реалност). Настанот се одржа во Перуџа, Италија, во просториите на ТУЦЕП, организацијата која го координира проектот. Повеќе информации за проектот можете да најдете на официјалната страница: https://www.virtual-erasmusproject.eu/.
Целта на обуката беше запознавање на учесниците со алатки и отворени онлајн ресурси за 3Д моделирање и дизајн, како и примена на виртуелната и проширената технологија. Акцентот беше ставен на дигитализација и зачувување на културното и историското наследство, со што ќе се овозможат виртуелни туристички посети на различни локации. Оваа активност индиректно ќе придонесе за развој на туристичкиот сектор во нашата земја.
Проектот ВИРТУАЛ има за цел да го подобри нивото на компетенции, вештини и потенцијалот за вработување кај учениците од стручното образование (ВЕТ секторот) преку нови и иновативни образовни програми од областа на туризмот (угостителство и ресторани). Специфично, проектот се фокусира на примена на иновативни технологии, како што се виртуелна реалност (VR), проширена реалност (AR) и симулатори, во ВЕТ институциите од Западен Балкан. Оваа иницијатива е дел од поширокиот концепт на Образование 4.0, кој ги интегрира современите технологии во образованието.








