Нови обучувачи за претприемништво во Естонија, Турција и Македонија

На 30 септември 2023 заврши обуката за обучувачи за претприемачки компетенции во Анкара, Турција.

На обуката учествуваа 20 наставници и професори од стручни училишта и факултети од трите земји. Целта на обуката беше учесниците да се здобијат со претприемачки компетенции како и нови методи за обука на нивните ученици и практиканти. 

Сите учесници изразуваа голема благодарност до обучувачите Јован Сталевски (ЦЕФЕ Мастер Обучувач) и Мустафа Ердоган (Експерт за искуствено учење), што направија микро космос каде можеа самите да се пронајдат во карактеристиките на претприемачите и можеа да искусат како реагираат и делуваат во одредени  претприемачки активности.

Исто така, учесниците,  ја препознаа и прифатија моќта на ЦЕФЕ методологијата, како една од најдобрите начини на креирање на претприемачи и развој на бизнис вештини.

Следен чекор за нашите учесници од Македонија: Устијана Речкоска Шикоска (Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле“ – Охрид), Ирена Ралева Најдовска (ЕМУЦ Св Наум Охридски), Христина Серафимовска (Факултет за туризам и бизнис логистика), Весна Ефремова (СОУ Љупчо Сантов) и Бобан Русески (едукатор и уметник), ќе биде да обучат преку 40 млади практиканти од Македонија во периодот ноември декември 2023.

Завршната церемонија за доделување на сертификатите беше организирана од агенцијата за развој на претприемништво – МЕСВАК и Националниот директорат за образование на Анкара. На свеченоста присуствуваа највисоките претставници на институциите, кои ги доделуваа и сертификатите на учесниците.

Нашите пријатели од Турција уште еднаш потврдија дека се одлични домаќини и гостопримлив народ, за што сме многу благодарни.