Младинските работници во „Family Matters“ со континуирана поддршка од психолози и семејни терапевти

Сподели

Квалитетни едукативни алатки се создаваат преку соработка, експертска поддршка и практично тестирање.

Во рамките на европскиот проект „Family Matters“, младинските работници кои ги пилотираа новите алатки за личен, социјален и емоционален развој на младите не беа оставени сами во процесот.

Во Македонија, тие имаа континуирана стручна поддршка од психологот Даниела Нестороска, национален експерт во проектот, како и меѓународно менторство и супервизија од експерти од Малта и Италија, вклучително и од областа на семејната терапија.

Преку редовни неделни состаноци, индивидуални консултации и заедничка подготовка на работилниците, младинските работници добиваа насоки за приспособување на алатките според возраста, потребите и карактеристиките на учесниците. По активностите се спроведуваше и рефлексија за идентификување на добрите практики и можностите за подобрување.

Едукација, а не терапија

Една од најважните задачи на експертите беше да обезбедат јасни професионални граници при примената на алатките.

Целта на „Family Matters“ не е младинските работници и едукаторите да станат психолози или семејни терапевти, туку да добијат практични и безбедни методи за поддршка на младите.

Во своите извештаи, националниот експерт посочува дека дел од алатките можат да ги применуваат и едукатори без психолошко образование, со соодветна подготовка и стручна поддршка. Истовремено, за почувствителните психолошки теми се препорачува ангажирање соодветно квалификувани професионалци.

Овие сознанија, заедно со повратните информации од младите и искуствата на младинските работници, ќе придонесат кон подобрување на финалните алатки и подготовката на практични упатства за нивна примена.

Од пилотирање до поширока примена

Проектот „Family Matters“, поддржан од програмата Еразмус+, обединува организации од Македонија, Естонија, Турција, Малта и Италија.

Неговата дополнителна вредност е во поврзувањето на искуственото учење, младинската работа и психолошката експертиза во развојот на алатки што ќе можат одговорно да се применуваат во различни образовни и младински средини.

📢 ЦЕФЕ Македонија ги поканува сите наставници, едукатори, психолози, педагози и младински работници на конференцијата за споделување на резултатите од „Family Matters“, на 17 декември 2026 година во Скопје.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.