Во рамки на програмата Еразмус+, успешно се реализираше меѓународна обука за лица кои работат со млади, посветена на темата „Претприемништвото како клучна алатка за јакнење на младите“.
ЦЕФЕ Македонија учествуваше на обуката со тројца претставници, вклучувајќи и мастер ЦЕФЕ обучувач кој беше ментор за меѓународна сертификација на обучувачките Сања и Ирена од ПРOНИ Центар за социјално подучување.
Мрежата на ЦЕФЕ обучувачи се шири и во Хрватска, и ние сме особено горди што оваа соработка продолжува понатаму преку зајакнување на капацитетите и на други организации. Во рамки на проектот, учесниците од Македонија изработија видео и инфографик со научените лекции и теми од обуката во Пировац, кои ги споделуваме преку нашите комуникациски канали со цел и другите организации да се запознаат со тоа како овие модули можат да им помогнат во градење на капацитети за претприемништво – како алатка за оснажување на младите.

Седумдневната обука им понуди на учесниците можност преку интерактивни работилници, групна работа и симулации, да се запознаат подлабоко со концептот на општествено претприемништво и развој на бизнис идеи кои имаат позитивно влијание во заедницата.
Обуката собра учесници од седум различни земји: Турција, Македонија, Србија, Чешка, Литванија, Унгарија и Хрватска. Таа претставуваше извонредна можност за вмрежување, размена на искуства и практики од работата со млади, но и за развој на нови иницијативи и партнерства.
Еден од значајните сегменти на обуката беа интеркултурните вечери, на кои секоја земја се претстави преку квизови, традиционални танци, презентации и дегустација на традиционална храна, создавајќи пријателска атмосфера и меѓусебно почитување.
По завршувањето на обуката, учесниците се подготвуваат да спроведат активности на локално ниво, со цел да го пренесат стекнатото знаење на своите колеги, но и да вклучат млади во практична примена на алатките и пристапите кои ги усвоија во текот на тренингот.
Оваа активност е дел од Еразмус+ акредитацијата на ПРOНИ Центар за социјално подучување, а е кофинансирана од Европската Унија.

