Интеграција на претприемачки вештини во образованието: Клучен фокус на Глобалната ЦЕФЕ конференција за претприемништво 2024

Глобалната ЦЕФЕ Конференција за претприемништво која што се одржа на 26.06.2024 во Јавна Соба во Скопје, а во организација на ЦЕФЕ Македонија заврши со голем успех собирајќи експерти, претприемачи, наставници, образовни експерти, претставници на граѓански организации и професионалци од различни индустрии. Оваа година, ЦЕФЕ конференцијата привлече повеќе од 100 учесници, кои дојдоа да ги споделат своите знаења и искуства и да дискутират на клучните теми кои ја дефинираат иднината на претприемништвото и образованието во Македонија.

Оваа година, конференцијата се фокусираше на следните теми:

  • 16 години градење компетентни претприемачи
  • Зошто претприемачките компетенции се потребни во стручното образование
  • Како претприемачите самостојно да се поттикнуваат да учат?
  • Потребите на туристичкиот сектор во Македонија – на каде да одиме?

Првата сесија, „16 години градење компетентни претприемачи“, го истакна напредокот и достигнувањата на ЦЕФЕ Македонија во областа на претприемништвото во последните 16 години. На оваа тема свое обраќање имаa Јован Сталевски, обучувач и Претседател на ЦЕФЕ Македонија и докажаниот Зоран Витанов, кој е еден од основачите на ЦЕФЕ Македонија. Тие ги споделија своите увиди за клучните фактори кои придонесуваат за успешен претприемачки пат и развој на бизнис идеи.

Втората сесија, „Зошто претприемачките компетенции се потребни во стручното образование“, ги истакна важноста на претприемачките вештини за модерното образование и како тие можат да помогнат во развојот на иновативни и конкурентни кадри. На панел дискусијата учествуваа претставници и наставници од стручните образвони институции кои ги споделија своите увиди и експертиза за тоа како претприемачките компетенции можат да се интегрираат во образовните програми.

Третата панел дискусија, „Како претприемачите самостојно да се поттикнуваат да учат?“, се фокусираше на стратегии и техники за континуиран личен и професионален развој. Учесниците беа инспирирани со методи за самостојно учење и мотивација, кои можат да им помогнат во нивниот претприемачки пат. Исто така за време на оваа панел дискусија, беа промоовирани алатки и методологии за поттикнување на учење кај младите претприемачи.

Последната панел дискусија на темата , „Потребите на туристичкиот сектор во Македонија – на каде да одиме?“, привлече големо внимание. Се зборуваше за предизвиците и можностите за развој на туризмот во Македонија, претставувајќи конкретни стратегии за подобрување на секторот и неговото приспособување кон модерните трендови и барања. Оваа сесија поттикна жива дискусија меѓу учесниците, кои разменуваа идеи и решенија за унапредување на туристичкиот потенцијал на Македонија и како технлоогијата може да го подобри развојот на туризмот во Македонија.

„Оваа конференција беше одлична можност за споделување идеи и најдобри практики за развој на претприемачките компетенции и иновации во различни сектори. Задоволни сме од позитивниот одговор и од самиот ангажман на учесниците,“ изјавија од ЦЕФЕ Македонија, организаторите на конференцијата.

Конференцијата заврши со заклучок дека интеграцијата на претприемачките вештини во образованието се клучни за иднината на и дека е потребно да се продолжи со вложувањата во нивното интегрирање во образовните програми.