Еколошките организации од Македонија и Албанија ја зајакнуваат прекуграничната соработка за заштита на природата

Сподели

Охрид, 21–22 октомври 2026 година – Претставници на 11 еколошки организации од Македонија и Албанија, поддржани преку грантовите на Фондацијата Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), се собраа во Охрид на дводневна средба посветена на размена на искуства, меѓусебно учење и развивање нови можности за прекугранична соработка.

Средбата беше организирана и фасилитирана од ЦЕФЕ Македонија и Balance Albania, во рамките на програмата за организациски развој и зајакнување на капацитетите на еколошките организации поддржани од PONT.

Учесниците, претставници на четири организации од Македонија и седум од Албанија, разменија практични искуства од својата работа во зачувувањето на биодиверзитетот, управувањето со заштитените подрачја, вклучувањето на локалните заедници и застапувањето за подобри политики за заштита на животната средина.

Од размена на искуства до конкретни идеи за соработка

Преку интерактивни работилници, студии на случаи, тематски дискусии и заедничко планирање, организациите идентификуваа повеќе можности за понатамошна соработка.

Меѓу предложените иницијативи се издвојуваат:

  • Размена на искуства за заштита на реките и отстранување на брани, како и заеднички студиски посети и соработка во истражувањата за еколошка ДНК (eDNA), за што интерес покажаа EcoAlbania и Еко-свест.
  • Пренос на знаења за процесот Натура 2000, како важен дел од европската интеграција, и можности за усогласување и размена на податоци за биодиверзитетот меѓу двете земји.
  • Зајакнување на локалните заедници и граѓанското учество, преку споделување на искуствата на Македонското еколошко друштво, Црвен Крст Охрид и други организации во мобилизирањето на граѓаните за заштита на природата.
  • Размена на методологии и организациски практики, вклучувајќи го пристапот „4 Returns“ на CNVP, развојот на локални канцеларии и можностите за пристап до европски фондови.
  • Поврзување на Црвен крст Охрид и World Vision, врз основа на заедничките интереси за работа со локалните заедници, младите и животната средина.

Особено внимание беше посветено и на предизвикот со намалениот интерес на младите за образование и професионален развој во областа на шумарството, биологијата и заштитата на природата.

Заедничките екосистеми бараат заедничко дејствување

Една од најважните пораки од средбата беше дека природата не познава административни граници, а заштитата на заедничките екосистеми бара континуирана комуникација, размена на знаења и координирано дејствување.

Во завршната рефлексија, учесниците ја истакнаа вредноста на личното запознавање, отворениот дијалог и можноста да бидат слушнати од своите колеги. Тие ја нагласија и важноста на растечката мрежа на организации поддржани од PONT, со интерес за нејзино понатамошно проширување и вклучување на еколошки организации од Грција.

Средбата во Охрид постави основа за нови партнерства, меѓусебна поддршка и развивање заеднички иницијативи, кои ќе придонесат за поефикасна заштита на природното богатство и одржлив развој на локалните заедници во прекуграничниот регион.

Преку ваквите активности, PONT продолжува да го поддржува јакнењето на еколошките организации и нивната улога како важни чинители во зачувувањето на природата за идните генерации.