Вести

Вести

Консултативна средба на ЦЕФЕ Македонија

На 29.03.2018 во рамки на проектот „Претприемачко учење за млади“, во просториите на ЦЕФЕ Македонија се одржа консултативна средба чија примарна цел беше споделување на искуствени знаења на 7-те експерти со учесниците на оваа работилница. Воедно, ова беше и одлична можност за вмрежување на учесниците и експертите, со што ќе се овозможи понатамошна комуникација и советување при креирањето, развојот и имплементацијата на нивните бизнис идеи. Гости експерти на оваа работилница беа: -Зоран Витанов (претприемач и креатор на лидери) -Снежана Мојсовска Саламовска (маркетинг специјалист и професор на Економски Факултет Прилеп) -Влатко Данилов (претприемач и финансиски експерт) -Јасмина Антич-Атанасовски (претприемач) -Маја Ристова (адвокат и претседател на Асоцијација на менаџери на Македонија) -Дејан Алчев (пристап до финансии, претставник од НЛБ Банка). -Јане Пандиловски (Менаџер на човечки ресурси во Хотел Мериот) Во позитивна и енергизирана атмосфера, 23-цата учесници на оваа работилница имаа прилика да ги прашаат експертите за информации, совети и упатства кои би им помогнале во креирањето на цврста основа за нивните бизниси и при понатамошниот развој на истите. Беа посочени можностите и погодностите кои би можеле да се искористат при започнувањето на бизнис, но исто и потенцијалните пречки и како истите да се надминат доколку се појават. Но, најмногу време експертите одвоија за охрабрување и мотивирање на младите претприемачи да превземат ризик и да се впуштат во претприемачите води, да соберат храброст и што поскоро да започнат со реализација на сопствените идеи. Исто така, на оваа работилница беше најавен и испромовиран и наредниот аутпут од овој проект, IT-решенија за изработка на бизнис планови. По завршувањето на оваа средба, учесниците беа задоволни затоа што се здобија со нови искуствени информации кои се од големо значење при водење на бизнис, но многу поважно од тоа беше што добија поддршка за реализација на своите бизнис идеи од овие експерти.

Вести

Прашајте се за Вашиот почетен или постоечки бизнис

Она што се случува во бизнисот и секојдневните ситуации коишто можат да влијаат во растот и развојот на истиот, се најчесто изоставени во учебниците. Најчесто тоа се круцијални елементи и случувања во секојдневието на секој претприемач, но справувањето со овие ситуации кои најчесто се појавуваат непредвидено, може да се научи само преку искуство. Бидејќи ЦЕФЕ Македонија препозна од колкава важност се овие ситуации при креирањето или развојот на еден бизнис, на наше задоволство, ангажиравме шест експерти од најразлични полиња, луѓе чие искуство им овозможува да ги препознаат и веќе знаат како да се справат со најразличните ситуации и проблеми од секојдневието на еден претприемач. Гости експерти на оваа работилница се: Зоран Витанов (претприемач и креатор на лидери), Снежана Мојсовска Саламовска (маркетинг специјалист и професор на Економски Факултет Прилеп), Влатко Данилов (претприемач и финансиски експерт), Јасмина Антич-Атанасовски (претприемач), Маја Ристова (адвокат и претседател на Асоцијација на менаџери на Македонија), Дејан Алчев (пристап до финансии, претставник од НЛБ Банка). Работилницата ќе се одржи на 29.03.2018, во просториите на ЦЕФЕ Македонија, (Бул. Партизански Одреди 27/а/3) со почеток од 16:00 часот. Местата се ограничени, пријавете се на 078/201854, 070/542779 или info@cefe.mk

Вести

Тимот на ЦЕФЕ Македонија на терен во Северно Косово

На 20.03.2018 и 21.03.2018, тимот на ЦЕФЕ Македонија беше во Косово, каде посети 28 бизниси во северниот дел од државата. Овие посети беа реализирани во рамки на проектот „Youth, Employment and Skills” на ГИЗ Косово, каде ЦЕФЕ Македонија е ангажирана како организација подизведувач на истиот. Имено, во Јануари оваа година, како дел од проектот беа реализирани две 5 дневни обуки за меки вештини во Северна Митровица. На овие обуки имаше 50 учесници, кои подоцна на саемот за вработување остварија контакт со бизнисите кои изразија желба за ангажирање на практиканти во своите организации. Праксата ќе започне на 01.04.2018 и ќе трае се до 30.06.2018, а за овој период од три месеци, ЦЕФЕ Македонија обезбеди 150 евра месечна надокнада за секој од 50-те практиканти. Посетата на овие бизниси во Звечан, Северна Митровица, Лепосавич и Зубин Поток, имаше за цел да се склучат договори со бизнисите и 50-те практиканти, кои од почеткот на месец Април ќе започнат со пракса кај нив. Освен тоа, секундарна цел беше да се дознаат потребите на бизнисите и проблемите со кои тие се соочуваат на северот на Косово, но воедно и да се опипа пулсот на бизнис климата во овој регион.

Вести

Работилници во рамки на проектот „Претприемачко знаење за млади“

Во рамки на проектот „Претприемачко учење за млади“ во кој ЦЕФЕ Македонија е партнер заедно со „Sprijin si Dezvoltare“ од Романија и „Inercia Digital“ од Шпанија, на 27.03.2018 (Вторник) и 29.03.2018 (Четврток),со почеток во 16:00 часот, во просториите на ЦЕФЕ Македонија ќе бидат одржани две работилници. На првата работилница која ќе биде реализирана од страна на Јован Сталевски, сертифициран ЦЕФЕ обучувач, учесниците ќе изработат опис на својата бизнис идеја, која понатаму ќе можат да ја преточат во одржлив бизнис план. Ќе бидат опфатени сите компоненти на бизнис планот и како да се постави базата за бизнис план кој понатаму ќе ги регулира сите процеси од работењето и развојот на една компанија. На оваа работилница учесниците, заедно со обучувачот ќе изготват бизнис план кој понатаму ќе го моделираат заедно со експертите кои ќе бидат ангажирани на втората работилница. На втората работилница ќе бидат присутни експерти од најразлични области: Економист, правник, продукт и проект менаџер, претставник од финансиска институција и претприемач. На оваа работилница, учесниците ќе имаат можност преку директна интеракција и консултација со експертите да го модификуваат и да го адаптираат бизнис планот во однос на нивната визија, но и да се прилагодат процесите со што би се овозможил понатаможен раст и развој на компанијата. Можност за учество на овие работилници имаат сите млади (18-29 години). За пријава и информации сите заинтересирани може да се пријават на info@cefe.mk и 078/201-754, најдоцна до 25.03.2018.

Вести

Социјална инклузија преку технологија

ЦЕФЕ Македонија зеде учество во проектот на УСАИД Македонија, ИВоте Фондација и Отворете ги прозорците кој носи наслов “Социјална инклузија преку технологија”. Придонесот на ЦЕФЕ МАкедонија во овој проект беше преку реализирање на практична работа, менторство и креирање на тренинг програми, за што на претседателот на нашата организација, Јован Сталевски, му беше доделена благодарница. Преку овој проект, за прв пат во Македонија е отворен HUBIT Центар, кој што ќе нуди услуги на младите со попреченост и ќе ги поврзува со работни места и можности од ИТ индустријата.

Вести

Партнерска средба во Никозија, Кипар

Во рамки на проектот ФАБУСС, од 27.02 до 01.03.2018, во Никозија, Кипар, се одржа интернационален состанок на партнерите од проектот, каде учество зедоа и ЦЕФЕ Македонија и Национален Младински Совет на Македонија (НМСМ), како партнери од Македонија. Откако беа одржани обуките за тренери во Скопје, на оваа средба се дискутираше за активностите кои треба да им претходат на обуките, содржината на тренинг матријалите за понатамошно пилотирање на модулите, а воедно  беа донесени и одлуки со кои беа дефинирани насоките за понатамошната реализација на проектот ФАБУСС, чија цел е да се спроведе процес на успешно наследување на фамилијарните бизниси. Благодарение на овој состанок и насоките кои беа дефинирани, во престојниот период ни следи и реализација на следниот чекор од проектот, а тоа се пилот обуките кои ќе се одржат во секоја од партнерските земји (Бугарија, Грција, Португалија, Македонија, Кипар и Италија). На овие обуки можат да земат учество сите наследници на фамилијарни бизниси на возраст од 18 до 35 години. Сите заинтересирани може да не котактираат на info@cefe.mk.