За почеток на нов бизнис не е важна само добрата идеја туку треба да се креира соодветен план и да се обезбедат финансии.
„Клучно во процесот ’од идеја до реализација’ е истражувањето на потребите на пазарот“, вели претседателот на „ЦЕФЕ Македонија“, организација што нуди логистичка поддршка и обуки за нови претприемачи што аплицирале на државните програми за самовработување.
„Повеќето од претприемачите го гледаат советувањето за бизнис-план како еден документ што ќе им даде „виза“ за да добијат 5.000 или 10.000 евра. Но, кога ќе стапиме во контакт и ќе им поставиме илјадници прашања, малку се освестуваат дека тоа е не е само документ што ќе им седи во фиока или во некоја папка во компјутер, туку дека е план по кој може да се водат и да носат одлуки“, вели Јован Сталевски, претседател на „ЦЕФЕ Македонија“.
Тој додава дека првите совети се да го истражат пазарот добро, со што ќе соберат што е можно повеќе информации, за да носат квалитетни одлуки во процесот потоа, „бидејќи подобро е да грешиме на хартија, отколку тоа да се случува во реалноста“.
Сталевски вели дека не може да се предвиди секој ризик, но бизнис-планот сепак дава некое предвидување, а може да се постават свои цели за развојот, за промоцијата кон клиентите, доставувачите или пак понатаму да се добие и дополнително кредитирање од банките на пример. „Многу е важно да имаме и поврзување на претприемачот, да се увиди дали неговата идеја соодветствува со неговиот карактер и со она што сака да го работи во иднина“, вели Сталевски.
Државните грантови од 5.000 и 10.000 евра ги користат пред сè микропретпријатија. Некои од нив се нови, а некои веќе постојни бизниси што досега работеле на црно, a државната поддршка ја користат за нивна формализација. Во овој период луѓето доаѓаат на обуки за претприемаштво, каде што ја тестираат својата идеја. Откако ќе ги поминат обуките им се доделуваат консултанти, кои им помагаат во истражувањето на пазарот, ризиците и можностите и колку е тоа финансиски издржливо. „Оваа мерка во Македонија е навистина добра за официјализирање на бизнисите, бидејќи знаеме дека има голем дел што работат на црно, а оваа програма е многу добра да се охрабрат и да увидат можност да го официјализираат својот бизнис и да го прошират. Оваа финансиска инјекција им е добредојдена за набавка на опрема, трговски стоки или реновирање на своите деловни објекти“, вели Сталевски.
Инаку, ако се анализира тоа кои сектори се најинтересни за почнување бизнис, Сталевски смета дека различните времиња носат различни бизнис-идеи, па новите претприемачи гледаат шанси и во време на криза.
„Кога беше ковид-кризата на пример, многу од бизнисите се занимаваа со реновирање, онлајн достава, рурален туризам и слично. Последните неколку години, на пример, проблем е и одливот на кадар во странство, па услугите што се занаетчиски, како молери, електричари, градежници, добија на цена, па многу од тие претприемачи увидоа можност да го официјализираат својот бизнис. Имаме голем интерес и од младите што се дел од креативната индустрија како дизајн, програмирање итн.“, вели претседателот на „ЦЕФЕ Македонија“.



