11. Дијалог меѓу младите луѓе и креаторите на политики

Големиот број на невработени млади во Република Македонија им ја наметна можноста на самовработување, односно младите да станат креатори на работни места, а не само побарувачи. Но колку младите се свесни за бенефитите од самовработувањето и од водењето сопствен бизнис? И што прават локалните власти за да ја искористат оваа предност за јакнење на своите економии?

ЦЕФЕ Македонија со новиот проект работи токму на одговор на овие прашања, како и нивна подлабока анализа кон креирање на мрежа на соработка помеѓу младите и креаторите на младински политики во републиката. Проектот е одобрен од Националната Агенција на Макеоднија  преку програмата Еразмус +, КА3.

Во рамките на овој проект ќе се одговори на клучните прашања на оваа тема, преку изготвување на истражување помеѓу младите луѓе во републиката и локалните власти.  Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во студија која ќе биде насока за локалните власти за потребите на младите и како да се искористат за јакнење на економската и бизнис средината во државата.

Главна цел на проектот е да се поттикне дијалог помеѓу младите и локалните власти, активно вклучување на младите во пазарот на труд, претприемачките и бизнис активностите. Да се дополнат политиките за млади на локално и регинално ниво, како и развој на локални партнерства.

За исполнување на овие цели дефинирани се неколку активности:

  • Истражување и студија за однесувањето и мислењето на младите за партнерство со локалните власти
  • Студија на најдобри практики за поддршка и промоција на младинско претприемништво
  • Анализа и дисеминација на резултатите од истражувањето
  • Дводневна дискусија на тема „Улогата на локалните власти во поддршката на младинското претприемништво како водечка алатка за подобрување на бизнис средината, економскиот развој и вработувањата.“

Беше изготвен ИЗВЕШТАЈ од спроведеното истражување (таргет групи – млади претприемачи и институции), а истражувањето го изврши Проф. д-р Снежана Мојсовска Саламовска

Во рамките на Еразмус + проектот “Дијалог меѓу младите и креаторите на политики“, кој што се спроведува од страна на ЦЕФЕ Македонија, реализирано е истражување според следните претходно добиени насоки и препораки :

Истражувањето  треба да се спреведе на две целни групи и тоа:

Првата група: Млади од 18 – 30 години. Кај оваа група респонденти,  истражувањето треба да даде одговор на следните основни прашања:

  • Каква е навиката кај младите за започнивање на сопствен бизнис?
  • Дали ја знаат работата на локалните власти и дали би побарале нивна помош за развивање на својот бизнис?
  • Дали имаат информација за некоја посебна мерка или политика на локалната власт за промовирање на претприемништвото?

Втора група: Локални власти и креатори на политики, планирани минимум 60 испитаници. Кај оваа група респонденти,  истражувањето треба да даде одговор на следните основни прашања:

  • Дали имаат развиено таргетирани стратегиски документи, политики или мерки за промоција и поддршка на младинското претприемништво?
  • Дали имаат воспоставено мрежа на соработка и развој на локален потенцијал за стимулирање на креирањето бизниси, размена на информации и научно знаење и иновации?

Според договорот, прибирањето на податоци беше реализирано со примена на методот на испитување со претходно дизајнирани прашалници, наменети за испитување по електронски пат, но со можност да се искористат и на ковенционален начин, за реализација на лично интервју со определени респонденти кои што од објективни причини не се во можност да ги одговорат прашалниците по електронски пат. Така, во првата фаза на истражувањето, најпрво беа дизајнирани структурирани прашалници за двете предвидени групи на респонденти, и тоа:

  • Прашалник за млади претприемачи (прилог бр. 1) и
  • Прашалник за институции и креатори на политики (прилог бр. 2)

Прашалниците беа изработени и спроведени во електронска и печатена форма.  Најголем дел од респондентите беа интервјуирани по електронски пат, и тоа преку Е-маил, преку поставување на прашалникот на социјалните мрежи итн. Обработката на податоците беше извршена со примена на cloud  апликации, а анализата и интерпретацијата на добиените резултати е презентирана во натамошните делови на овој извештај, за секоја целна група поединечно, и секако, на крајот се презентирани и компаративни и сумарни заклучоци.

Во рамките на проектот: „Дијалог меѓу младите луѓе и креаторите на политики“, финансиран од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, на 27-28.10.2016 година во хотел Епинал, Битола се одржа дводневна конференција на тема: „Улогата на локалните власти во поддршка на младинското претприемништво како алатка за економски развој и вработување“. Заклучоците ги сумира Проф. д-р Моника Марковска

Генералната цел на конференцијата беше подобрување на дијалогот, комуникацијата и соработката меѓу локалните власти и јавниот сектор и младите луѓе во функција на пронаоѓање конкретни и применливи решенија кои ќе го стимулираат и поддржат младинското претприемништво. Конференцијата се реализираше во рамките на два дена, со целодневни активности.

Истата беше структуирана во: отворање на конференцијата, презентација на добиените резултати од истражувањето, пет Панел – дискусии, затворање и оценка на конференцијата. Секој од панелите вклучуваше говорници-панелисти, претставници од јавниот, приватниот и непрофитниот сектор каде што беа претставници различни искуства, можности, начини на вработување, политики, мерки и напори кои се однесуваат на младинското претприемништво.

Во рамките на секој панел се разви продуктивна дискусија која овозможи информирање и до- информирање на младите луѓе што ја зголеми заинтересираноста на младите за претприемништвото, предизвиците, бенефициите и ризиците од истото. Панелите(1,2,3) вклучуваа гости – панелисти, претставници од НВО секторот (ЦЕФФЕ, Open the window, LEAD, Волвокс), Технолошкиот парк – Тетово, Универзитетот „Св. Климент Охридски- Битола (Технички факултет, Факултет за информатички и комуникациски технологии), Бизнис Академија Смилевски, Агенција за  вработување на Р. Македонија, Агенција за поттикнување и развој на земјоделието. Панелите (4,5) имаа за цел работа во мали групи за изработување и презентација на конкретни предлози за препораки, политики и мерки во насока на подобрување на дијалогот меѓу младите и јавниот сектор.