Вести

Објавено на декември 14th, 2018 | од Trajche Anastasov

0

10-годишнината на ЦЕФЕ Македонија одбележана со конференцијата „Учењето – пат кон успешен бизнис“

Среќни сме да споделиме со вас како помина конференцијата „Учењето пат – кон успешен бизнис“, која се одржа на 7-ми и 8-ми декември во хотел Епинал, Битола, како дел од проектот „Претприемачко учење за млади“ финансиран од Европската Унија. На настанот присуствуваа повеќе од 140 учесници, и повеќе од 15 говорници.

Првата сесија ја започнавме со Јовица Митевски од Националната Агенција, кој ни ја претстави Еразмус+ програмата, кои активности ги опфаќа и како да се вклучиме. Потоа зборувавме за обуките и како тие влијаат на развојот на бизнисот, а успешни претприемачи и обучувачи нè инспирираа со своите говори. Па така, Зоран Витанов истакна дека клучна работа за успех е фокусот во работењето, а Марина Анчевска ни посочи дека е важно да сме поврзани со работите околу нас, но да не бидеме врзани. Елеонора Божиновска нè запозна со работата и активностите на Агенцијата за Поддршка на Претприемништвото во Република Македонија (АППРМ) и повика на соработка, додека пак Ванчо Видически ја сподели својата приказна како претприемач и иноватор, додавајќи дека добрата идеја привлекува инвеститори, потребна е само упорност.

 

По ручекот и неформалното дружење, следеше уште една одлична сесија која започна со обраќање на учесниците од обуките кои беа дел од проектот „Претприемачко учење на млади“. Тие ни го пренесоа и едукативнот, но и забавниот дел од обуките и раширија прекрасна енегрија во целата сала. Рaзговарајќи за новите можности, Маријана Милевска од ПРЕДА сподели повик за бизнис акцелерација, а гости беа и Стевче Ристевски и Билјана Ристева од Kromberg & Shubert, Битола. Тие ни зборуваа за талент меанаџмент академијата и дуалното образование, а Билјана ја охрабри публиката, преку својот личен пример, дека никогаш не е доцна да се надоградиме себеси и да го откриеме својот лидерски потенцијал. Ги слушнавме и Бисерка Шемовска и Стефани Петковска од iVote, кои ни зборуваа за kupikniga.mk, онлајн продажбата и придобивките од неа.

Вториот ден имавме можност да слушнеме зошто читањето нè прави поуспешни во бизнисот и да ги претставиме магазините кои беа производ од проектот. За да го направиме доживувањето уште поинтересно, ги донесовме претприемачите кои беа интервјуирани во магазините да ги раскажат своите приказни. Марија Матовска (Social Impact Award) зборуваше за социјалното претприемништво и сподели навистина инспиративни претприемачки приказни, додека Маријана Андриќ (Marand Consulting) се надоврза и ја сподели својата бизнис приказна споредувајќи ги почетоците со сегашните достигнувања. Во втората сесија можевме да ги слушнеме Теодора Николовска (Vrootok Marketing), Иван Марковски (Fresh Farm), Тони Бачваровски (Gordian Systems) и Стефан Митров (M3DS), кои несебично ги споделија своите успешни приказни и совети и им доловија на учесниците како учењето им помогнало при креирањето и развојот на нивните бизниси.

 

За крај, конференцијата ја затворивме со роденденска прослава за една цела декада постоење на ЦЕФЕ Македонија и градење економии засновани на компетенции преку обуки со искуствено учење. Остваривме неформалнно дружење и вмрежување со одлична музика и превкусна торта.


За авторот



Comments are closed.

Back to Top ↑