Дијалог меѓу младите и креаторите на политики – нов проект на ЦЕФЕ Македонија

 

Големиот број на невработени млади во Република Македонија им ја наметна можноста на самовработување, односно младите да станат креатори на работни места, а не само побарувачи. Но колку младите се свесни за бенефитите од самовработувањето и од водењето сопствен бизнис? И што прават локалните власти за да ја искористат оваа предност за јакнење на своите економии?

ЦЕФЕ Македонија со новиот проект работи токму на одговор на овие прашања, како и нивна подлабока анализа кон креирање на мрежа на соработка помеѓу младите и креаторите на младински политики во републиката. Проектот е одобрен од Националната Агенција на Макеоднија  преку програмата Еразмус +, КА3.

Во рамките на овој проект ќе се одговори на клучните прашања на оваа тема, преку изготвување на истражување помеѓу младите луѓе во републиката и локалните власти.  Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во студија која ќе биде насока на локалните власти за потребите на младите и како да се искористат за јакнење на економската и бизнис средината во државата.

Главна цел на проектот е да се поттикне дијалог помеѓу младите и локалните власти, активно вклучување на младите во пазарот на труд, претприемачките и бизнис активностите. Да се дополнат политиките за млади на локално и регинално ниво, како и развој на локални партнерства.

За исполнување на овие цели дефинирани се неколку активности:

  • Истражување и студија за однесувањето и мислењето на младите за партнерство со локалните власти
  • Студија на најдобри практики за поддршка и промоција на младинско претприемништво
  • Анализа и дисеминација на резултатите од истражувањето
  • Дводневна дискусија на тема „Улогата на локалните власти во поддршката на младинското претприемништво како водечка алатка за подобрување на бизнис средината, економскиот развој и вработувањата.“

Временската рамка на проектот е: 01.07.2016 – 31.10.2016

Сите заинтересирани за учество и придонес за подобро и поквалитетно реализирање на проектот, за повеќе информации обратете се на elena.g@cefe.mk  или info@cefe.mk