Вести

Објавено на јануари 18th, 2017 | од admin

0

Јован Сталевски: нема подобро време за сопствен бизнис од ова во кое живееме!

This post is also available in: English

Јован Сталевски е претседател на организацијата „ЦЕФЕ Македонија“ и интернационален ЦЕФЕ обучувач. Оваа организација во Македонија работи упорно и напорно да ја промовира претпримничката култура, ги обучува, насочува и охрабрува младите дека одлуката да започнат сопствен бизнис е повеќе од бизнис одлука. Тоа е одлука да се биде слободен човек!
(Разговараше- Верица Јорданова)

– За почеток дајте ни еден краток вовед што е ЦЕФЕ Македонија, од кога постои, што работи и која е основната мисија на оваа организација?

ЦЕФЕ е методологија за искуствена обука на претприемачи. Акронимот ЦЕФЕ доаѓа од анлиското име на методологијата “Competency based Economies, Formation of Enterprise”. За полесно разбирање, во превод значи „Креирање на претпријатија преку оформување на претприемачи“. Тоа значи дека дали едно претпријати ќе биде успешно или не, не зависи само од идејата и пазарот, туку најмногу од претприемачот и неговите компетенции. На пример, ако земеме било кој локален бизнис и да го тргнеме сопственикот и на негово место да поставиме друг сопственик тој бизнис повеќе не е ист.

Методологијата е креирана во средината на 80-те години од 20 век од страна на експерти од областа на психологијата, бизнисот, маркетингот, финансиите и социологијата. Германското министерство за економија и нивните програми за интернационален развој го промовираа методот во преку 150 земји. Благодарение на квалитетот и ефективноста, денес ЦЕФЕ е широко прифатен метод за тренинг на претприемачи не само во Македонија, туку и во цел свет.

Што покажува овој метод во последните 30 години?
95% од сите учесници на обуките или бараат дополнителна обука или инсистираат некој од нивните соработници или семејство да посетат ЦЕФЕ обука. И тоа не е случај само со обучувачите во Македонија, туку и со обуките што се оддржуваат насекаде во светот.

Ние во Македонија се запознавме со методот во далечната 1997 година. После 11 години, во 2008 година, се формализираше здружение на граѓани „ЦЕФЕ Македонија“ со основна мисија, промоција на претприемачката култура и јакнење на бизнис компетенциите кај економските актери во општеството. Ние ги учиме луѓето да бидат претприемчиви и да не влегуваат во бизнисот емотивно, туку на база на реални истражувања и проценки од пазарот. Како што вели еден наш учесник: ме научивте да не газам на гнили даски, туку цврсто и сигурно да чекорам кон успех. Преку обука на што повеќе луѓе веруваме дека претприемачката култура и вработливоста во Македонија ќе ја издигнеме на високо ниво.

Никој во светот не успеал сам, затоа и ние ги покануваме сите кои што веруваат во оваа визија да не контактираат на info@cefe.mk за соработка. Како соработници, пред се ги гледаме институциите кои го поддржуваат претприемништвото, како што се агенциите за вработување, Фондот за иновации и технолошки развој, министерствата, факултетите, универзитете, институтите, општините, акцелераторските програми, бизнис инкубаторите, бизнис старт ап центрите, финансиските институции, невладините организации), како и индивидуалци (бизнисмени, визионери, експерти) кои што сакаат да направат позитивна промена во Македонија.

– Велите дека вашата визија е во Македонија да се формира претприемачка култура и да се зголеми вработеноста кај населението. Како ја оценувате претприемничката култура во Македонија? Како се менуваат претприемничките трендови со текот на годините?

Претприемачката култура во Македонија сеуште е во развој, а за тоа е виновен системот во кој што се развиваат нашите млади. Конвенционалниот систем на образование не подготвува за искористување на веќе постоечките работни места (креирани во 20 век), а не за креирање нова вредност, со нагон да ги поправаме нештата околу нас и да бидеме одговорни за својата иднина и постапки. Исто така и политичката и социјалната криза придонесуваат за страв и неиницијативност кај луѓето во Македонија. Не можат реално да ги предвидат и проценат можностите и ризиците па затоа се воздржуваат од дополнителни инвестиции и почнување на нешто ново.

Друг симптом на нашиот менталитет кој што му одмага на претприемачкото делување е што сме навикнати и сакаме некој друг да ни ја обезбеди или сработи нашата работа. Тоа е останато од минатото и пренесувано од нашите родители кои што живееле во поинаков економски систем. И што е уште позагрижувачки таквиот став се негува и од политичките и образовни лидери.

Јас со сигурност тврдам дека нема подобро време за претприемачки активности од ова во кое што живееме. Зошто? Преку интернет, сите информации ни се лесно достапни, можностите за патување и вмрежување се многу евтини и достапни, а многу суровини и технологии се евтини и лесно достапни за развој на една идеја. Ресурсите за учење се подостапни од било кога до сега. Преку еден паметен телефон и интернет конекција ги имаме сите информации во рака, и сме поврзани со сите што сакаме да ни бидат клиенти. Постојат многу микрокосмоси – ниш пазари, во кои што може да оперира вашиот бизнис.

– Во последно време постојат и повеќе програми кои ги стимулираат луѓето, особно младите да се испробаат во свој бизнис. Како Вие од ваше искуство, ги оценувате клучните предизвици кои ги одвраќаат истите од идејата да се почне бизнис и обратно? Кои се клучните мотивирачки фактори да се влезе во ваква мисија?

Точно е дека во Македонија и во регионот постојат многу програми кои што ги поддржуваат и им помагаат на младите луѓе да започнат или да го доразвијат својот бизнис. Поддршката се нуди во сите нивоа на развој: од идеја до бизнис, стартап поддршка, поддршка во средна фаза како и поддршка во ширење на компаниите или нивна интернационализација. Ние го мапиравме тој екосистем и го документиравме во онлајн курс кој што може да се погледне на www.cefe.mk/Investiraj.
Главен демотиватор во регионот е домашното воспитување, влијанието на најблиските пријатели и традиционалниот колективистички систем на вредности кој ја форсира сигурноста наместо современите индивидуалистички општества каде се цени превземањето на ризик и успехот.

Од друга страна, медиумите во Македонија и во светот ни го хранат стравот кој што е основна причина да сме исплашени и да оперираме само во зоната на сигурност (читај стабилно вработување). Но светските трендови покажуваат дека останувањето во зоната на сигурност е најголемиот ризик на денешницата.

Луѓето со кои соработуваме, како најголем мотиватор да се влезе во претприемачките води ги наведуваат: реализација на своите идеи и цели, финансиска независност и можностите кои ги нудат глобалните пазари.

– ЦЕФЕ Македонија работи и на повеќе меѓународни проекти. Може ли да ни кажете нешто повеќе за актуелните проекти на кои работите?

Главно што читателите на вашиот портал треба да знаат е дека експертизата и пристапот до знаење на ЦЕФЕ Македонија не се состои само од локални консултанти туку и од експерти и искуства од сите делови на светот.

Моментално соработуваме со експерти и истражувачи од платаформата „Ауреа“ и КОРФО од Чиле, ЦЕФЕ мрежата од Филипини, ЦЕФЕ Интернационал и Интернационале Бунд од Германија, ЦЕФЕ Кариби и Минитерството за млади, култура и спорт од Јамајка. Со нив креиравме материјали за претприемачки тренинзи и обуки. Доколку на некоја организација или компанија од Македонија и требаат докажани методи за обука на претприемачи (социјално претприемништво, зелени бизниси, бизнис планирање и вештини, иновации во бизнис, вештини за вработување) може да се обратат до нас за да ги користат овие материјали.

Овие програми произлегоа од претходно истражување што се спроведе во Азија, Европа и Америка. Увидовме што функционира од областа на програми за поддршка на младите претприемачи, како и за што има потреба меѓу младите во светот. Резултат на тоа е студијата која секој може да ја употреби во своето работење.

Оваа година ќе ставиме фокус на секторот кој што ги креира преку 50% од вработувањата во Македонија – семејните бизниси. Преку проект поддржан од Европската Комисија и во партнерство со Грчката Стопанска Комора и неколку универзитети од ЕУ ќе истражиме кои се потребите и болките на семејните бизниси, планирање на развојот на бизнисот како и предавањето во наследство. За нив ќе креираме дополнителни програми и материјали за дообука, развој и институционализација. Ќе креираме документарен филм за важноста на семејните бизниси и канали за вмрежување со слични бизниси од Грција, Бугарија, Италија, Шпанија и Кипар.

Исто така, во следните години ќе креираме и масовен отворен онлајн курс, како и програма за обука на млади претприемачи која што ќе функционира на ниво на ЕУ. Целта е да се опфатат што повеќе луѓе да влезат во светот на кодирањето и преку ИТ секторот да изградат светски бизнис кариери. Исто така ќе се креира акцелераторска програма преку која овие претприемачи ќе се поддржуваат во нивниот развој.

– Кои се Вашите клучни приоритети во 2017 година?

Додека 2015 беше година на истражување, промовирање и јакнење на претприемачкиот екосистем во Македонија, 2016 во фокусот беше меѓународната соработка и вмрежување со партнери и соработници од целиот свет. Во 2017 ќе продолжиме да го јакнеме и промовираме претприемачкиот екосистем, да соработуваме со светски реномирани организации, но најголемиот фокус ќе биде ставен на јакнење на претприемничките вештини и свесност кај две посебни целни групи: деца од 6-12 години и луѓе кои сакаат да влезат во сферата на информатичките технологии.

– Што би им препорачале на сите кои на почетокот на годината ги прават своите планови и можеби размислуваат да влезат во претприемнички води?

Можеби ќе изгледа како клише но она што јас сум го научил од поуспешните од мене и го употребувам секоја година е:

– Направете си ретроспектива на претходната година (ќе се мотивирате колку сте направиле и уште колку ве чека за остварување).
– Излезете од комфорна зона и започнете со решавање на она што ви смета околу Вас. Претприемништвото е фактички решавање на проблеми, креирање на нова вредност и секојдневно учење од грешките и успесите.
– Не се замарајте што ќе кажат другите нерелевантни луѓе, туку слушајте совети и повратни информации од луѓе кои што покажале резултати во областа.
– Континуирано едуцирајте се, поставете си мудри цели, побарајте (и давајте) помош и сојузници и не скршнувајте од големата слика што ја имате за вас. Како што вели Стив Џобс: следете си го срцето, бидејќи тоа си знае што треба вие да станете во животот.
– И нормално, бидете подготвени нешто да жртвувате во име на успехот и промените.
Како додадена вредност на ова интервју препорачувам да слушнат што препорачуваат експертите и деловните луѓе кои што соработуваат со ЦЕФЕ Македонија.

Превземено од www.inovativnost.mk

Share on Facebook0Tweet about this on TwitterShare on LinkedIn0Share on Google+0Email this to someone


За авторот



Comments are closed.

Back to Top ↑