Коучинг на обучувачи за претприемништво
На 19 и 20 септември 2020 година, во хотел Изгрев, Штип се одржа коучинг на обучувачите за претприемништво, кои ја користат ЦЕФЕ Методологијата.
Целта на дводневната обука и коучинг беше обучувачите да се подготват за подобро организирање и реализација на обуки за бизнис вештини за младите од Источна Македонија. На настанот обучувачите подготвуваа и реализираа вежби (бизнис симулации) на теми поврзани со претприемачките компетенции: идентификување и јакнење на лични претприемачки карактеристики, селекција и генерирање на бизнис идеја, околина на претприемачот и како да ја менаџира, поставување на бизнис цели, маркетинг план, производство и организација, финансиски план и реално водење на бизнис.
Нема подобар учител од праксата, па така и обучувачите учеа од меѓусебната пракса, давањето и примањето фидбек, како и насочување од сениор обучувачите на ЦЕФЕ Македонија.
После подолго време на работење онлајн, овој настан се одржа во живо, со почитување на протоколите од институциите и хотелот.
Протоколите за заштита се обезбедени и ќе се применуваат и на обуките за бизнис вештини за млади: простории кои обезбедуваат растојание од метар меѓу учесниците, обезбедивме маски за секој учесник, санитетски течности за дезифенкција, безконтактни топломери за мерење телесна температура.
Обуката и коучинг се спроведува во рамки на проектот “Креирање на центри за претприемништво во Источна Македонија”, кој што е поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, Македонија. Настанот има за цел да придонесе кон јакнење на капацитетите на обучувачите од двата нови центри за претприемништво ЦЕФЕ Исток, Штип и ЦЕФЕ Струмица во Струмица.
После успешно завршување на обуките, учесниците ќе се стекнат со сертификат за бизнис вештини од ЦЕФЕ Македонија, додека обучувачите ќе ја потврдат способноста за национални обучувачи според ЦЕФЕ Методологија.