Објавено на јануари 9th, 2018 | од admin
0Квалитетен проектен менаџмент во Еразмус+
Во периодот од први до осми Декември 2017 година тројца претставници на ЦЕФЕ Македонија, Весна Радиновска, Висар Демири и Мартир Дика, учествуваа на обука „Квалитетен проектен менаџмент во Еразмус+“. Обуката се одржа во Бишеље, гратче лоцирано на југоисточниот брег на Италија. Покрај нашите претставници, на овој проект учествуваа и млади од 7 други европски земји: Малта, Бугарија, Чешка, Хрватска, Шпанија, Италија и Романија.
Главна цел на овој проект беше да се подобрат вештините на младите луѓе за управување со проекти. Преку креативни методи на работа како симулации, игри, квизови, натпревари и слично, учесниците научија многу за фазите на еден проектен циклус. Она што ја направи оваа обука посебна, покрај едукативниот дел, беа и дружењата со млади, перспективни умови од различни делови на Европа, вкусните италијански специјалитети и квалитетното вино, уникатната архитектура и спектакуларните пејзажи. Нашите претставници уште долго ќе го паметат и десетчасовното „соочување“ со отворено (и не баш мирно) море на патот до Италија. Незаборавни се и интеркултурните вечери на кои Мартир, Висар и Весна ја претставија Македонија, нејзините природни убавини и културата на нејзините граѓани. Тие имаа можност одблизу да се запознаат со корисни и интересни податоци за другите држави-учеснички на овој проект. Освен тоа, беше презентирана и работата на ЦЕФЕ и беа поставени темели на идна соработка со членовите на странските организации.
Ова неповторливо искуство, новите пријателства ширум Европа и надграденото знаење направија од Весна, Висар и Мартир многу побогати личности кои едвај ја чекаат својата следна Еразмус+ авантура.
За поколоритен и подетален приказ на целиот настан, можете да ги прегледате галерија од настанот и одличното видео кое уште подобро го доловува ова искуство на нашите претставници.